Министерот без ресор задолжен за комуникации, Роберт Поповски, истакна дека министрите на коалициониот партнер треба да се прилагодат на нов и демократски концепт на владеење. Неговата порака следи откако претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, ги обвините министрите на ДУИ дека се уште се однесуваат како во време на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што рече Селмани на денешната јавна дискусија за размена на идеи и мислења за актуелните владини политики, министрите на ДУИ се однесувале нетранспарентно кон новинарите што известуваат критички. Претседателот на ЗНМ и забележа на Владата дека е премногу чувствителна на јавна критика.
-Ако говориме за отворена Владата тоа треба да важи за сите. Претходната влада функционирала во два света – една влада официјално, две влади неофицијално. Сега министрите и функционерите на ДУИ полека треба да се прилагодат на ова што значи концепт на владеење и демократизирање на општетеството. Тие се активен партиципиент, но недозволиво е да бојкотираат медиуми, и не само од таа туку од сите партии – изјави министерот Поповски.