Екс-помошникот министер во МВР, Ѓоко Поповски осуден во „Тенк“ и „Триста“ денеска сведочеше како сведок на СЈО во случајот „Трезор“ за нелегалната набавка на опрема за следење на комуникациите од Велика Британија.
Во „Трезор“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ и поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски.
-Менаџментот на УБК само ќе дојдеа и усно или писмено ќе ми кажеа дека треба да се набави нешто за Управата. Јас тоа барање го проследував до специјалната комисија за јавни набавки во УБК и тие купуваа што треба. Бевме заштитени со членот 7 од Законот, според кој сите набавки што се однесуваат на УБК, не подлежат на него, рече Поповски, објави порталот СДК.мк.
Меѓу другите разговори беа и оние на екс директорот на УБК Сашо Мијалков со брат му Влатко Мијалков кој раководеше со Царина, за тоа дека на аеродром е стигната опрема за УБК, во која тој дава насоки „да не рчкаат таму“, бидејќи „тоа е за УБК“.
-Не ја отворајте, директно кај нас носете ја. Пиши Финзи и готово, вели Сашо Мијалков.
Во друг разговор со Саша Глишиќ Влатко Мијалков му кажува за Финзи, дека „тоа е за специјална опрема за МВР, високо софистицирана да не отвораат таму“, дека тоа е „сензибилна работа“ и „директно во УБК да ја носат“.
Обвинетите во овој случај се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот при набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија, во висина од 820.000 евра.