В.д. директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, најавува кривична пријава против нејзиниот претходник, Влатко Поповски и против раководителката на Центарот за врботување на Град Скопје, Слободанка Алексовска, затоа што дозволиле четворица службеници со месеци да примаат плата без да се појават на работа и да не ги извршуваат работните задачи.
Според Јовановска, на овој начин лицата го оштетиле буџетот на Агенцијата за еден милион денари.
Кривична пријава ќе биде поднесена и против раководителот на одделението за обуки и развој на човечки ресурси, кој е еден од четворицата осомничени службеници. Тој бил преземен од Центарот за вработување на Пробиштип на 5-ри номеври 2015та година, изјави Јовановска, но се до крајот на јуни годинава не доаѓал на работа.
Второто лице било вработено во Агенцијата во февруари минатата година, а веќе во јуни било преземено од АД ЕЛЕМ. За целиот период како вработен во Агенцијата не доаѓал на работа, а на трансакциската сметка редовно му легнувала платата.
За две лица, се сомнева Јовановска, биле примени во Агенцијата во септември минатата година, а за прв пат се евидентираат на работно место една година подоцна, во септември 2017та.
-Во тек се законски постапки за утврдување вина и одговорност, како за лицата кои бил вработени и земале плата, а не доаѓале на работа, така и за нивните непосредни раководители.Од овие лица ќе биде побарано да ја надоместат и материјалната штета. Се врши ревизија во моментов која ќе ја утврди висината на средствата што треба да се вратат. Благовремено пред надлежното јавно обвинителство ќе бидат поднесени и кривични пријави – изјави Јовановска.
За Слободанка Алексовска, поранешната раководителка на Центарот за вработување на Град Скопје и советничка на ВМРО-ДПМНЕ во градското собрание, Јовановска рече дека се води дисциплинска постапка и дека е суспендирана затоа што, како што беше објавено претходно, го користела буџетот на Агенцијата во набавка на производи за свои лични потреби. Како и да е дисциплинската постапка е стопирана затоа што Алексовска била на боледување.