Поповска во Најроби: Напредокот на сексуалните и репродуктивните права започнува со еманципација на жените

by Fokus

Во главниот град на Кенија, Најроби, од 12 до 14 ноември 2019 година се одржа светски Самит на Фондот за население на Обединетите нации, посветен на сексуалното и репродуктивно здравје, со 9.500 учесници од различни сфери. Паралелно течеа сесии за влади, парламенти, лекари, научници, невладини организации и медиуми.

Мотото беше во духот на „три нули“, што значи заложби до 2030 година да се искорени смртноста кај породилките, недостапноста до контрацепција и средства за планирање на семејствата, како и насилството и штетните практики врз жените и девојчињата. Последново се однесува во голем дел на малолетнички бракови и генитално осакатување што им се случува на 3,6 милиони девојчиња годишно, најмногу во Африка. Целта е уништување на сексуалното задоволство кај жената, заради потполна потчинетост и верност кон мажот.

-Не случајно беше одбрана Африка, која доживува демографска експлозија, проследена со екстремна сиромаштија и болести, недостиг на храна, локални војни и масовни миграции. Се очекува сегашната една милијарда население до 2050 година да се удвои, со дури 200% раст годишно во некои земји. Во исто време, во Европа, Јапонија и Русија, драматично опаѓа населението, што севкупно води кон голем демографски дизбаланс и над 9 милијарди луѓе на Земјата до 2050 година, од кои 86% во неразвиените земји. Постигнувањето одржлив пораст на светската популација е дел и од борбата со климатските промени, фокусирана исто така на 2030 година, вели за „Фокус“ Лилјана Поповска, дел од делегацијата.

Македонија имаше 13-члена мултисекторска делегација, предводена од Јована Тренчевска, државна секретарка на Министерството за труд и социјална политика, која ги презентираше владините заложби. Свое излагање имаше и првата дама, Елизабета Пендаровска, како и претставниците на невладиниот сектор.

Во рамките на Самитот се одржа тридневен Парламентарен форум, на кој учествуваа актуелни и поранешни пратеници од целиот свет, кои работат на промоција и унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје и права.

-На покана и со логистичка поддршка од Фондот за население на Обединетите нации (УНПФА), учествувавме заедно со колешката Јагода Шахпаска и генералната секретарка на Собранието и поранешна пратеничка, Цветанка Иванова. Како членки на Интерпартиската парламентарна група за ХИВ и сексуално и репродуктивно здравје, која постои во македонското собрание од 2012 година, имавме можност да ги презентираме постигнувањата на планот на родовата еднаквост, елиминација на дискриминацијата, детските бракови, намалување на новороденечката и мајчина смртност, вели Поповска за „Фокус“

Таа во своето излагање објаснува дека напредокот на сексуалните и репродуктивните права започнува со еманципација на жените.

– Токму затоа, во македонското собрание пред 16 години беше формиран Клубот на пратенички, кој беше клучен за носење на законите за родови квоти, бесплатните тестови за рак на дојка и на матка, борбата против семејно и родово базирано насилство. Го споделив позитивното искуство со работа на интерпартиски парламентарни групи, кои ги надминуваат партиските, етничките и верските разлики. Покрај Клубот, како примери ги наведов Групата за сексуално и репродуктивно здравје, која постои од 2012 година, како и Групата за  правата на ЛГБТ лицата, формирана пред три години. Овие групи, во соработка со невладини организации и експерти,  се залагаат за носење на закони, мерки и обезбедување буџет за одржливост и реализација на превентивни програми и мерки, вели Поповска.

 

 

Поврзани новости