Морам да реагирам на некои материјални неточности изнесени во јавноста, по повод мојот допис за полициско-политичкиот монтиран случај „Музеј“, во кој настрадаа шест невини луѓе, меѓу кои и двајца од ДОМ, реагираше денеска Лилјана Поповска.
-Заради изнесените паушални оценки за случајот, да појаснам: Врховен суд неодамна ги одби жалбите за казните кои беа ВЕЌЕ ОДЛЕЖАНИ ВО ПРИТВОР, за кој судот во Стразбур одлучи дека е НЕОСНОВАН. Претходно, во март 2015, Основниот суд имаше досудено драконски казни од вкупно 31 година. По жалба, на Апелација беа отфрлени половина од „случаите“, а пресудено само за по еден на човек, колку да се покрие скандалозниот и неоснован притвор од 8,5 месеци до 2 години и 3 месеци! Ме изненадија поединечни реакции, како некој да ликува со одлуката на Врховниот суд да им ги потврди казните за измислени „дела“ на невини луѓе!? Не е убаво ситење над туѓа несреќа, особено кога се работи за неправда. Како да се верува во одлуките на судот, по се што се слушна и разбра за начинот на распределба на предметите со заобиколување на АКМИС-от, за нарачките и за пресудите?? Впрочем, овој метод на работа на правосудните органи во изминативе три години беше детално анализиран, илустриран и посведочен со многу примери, а е дел и од извештајот на Прибе, се вели во соопштението на Лилјана Поповска.