Власта и опозицијата се конфронтираа на денешната собраниска седница, на која на дневен ред се најде и аерозагадувањето. Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ дошле на власт со големи ветувања во борбата против загадувањето, но досега не направиле ништо.
-Нафтениот кокс кошто загадува енормно се увезува во исти количини, црвената нафта се увезува и се употребува во исти количини, отпадот се увезува дури и во поголеми количини, а граѓаните не ве гласаа за ова – рече Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.
Неговиот колега од СДСМ, Костадин Ацевски, пак, реагираше дека опозицијата само ја користи темата за политички напади, без да предложи конкретни решенија. Според него, сегашните мерки даваат резултати.
-Бројот на денови со високи загадувања во 2019 година е намален и е драстично помал од 2012 година. И ова се прави врз база на споредбена анализа која ако сакате ќе ви ја доставам и јавно е достапна, ќе ви го кажам и сајтот, на податоците од мерните станици за загаденоста на воздухот – рече Ацевски.
Лилјана Поповска од од владејачката ДОМ, пак, истакна дека државата не издвојува доволно средства за борба против загадувањето, а во институциите нема соодветни кадри. Таа е задоволна од донесените закони, но, исто така, бара да се донесе и законот за забрана на увоз на отпад.
-Големата индустрија и претставници од големата индустрија коишто сакаат да ги заобиколат законите и коишто не сакаат да вложат средства се како големи мечки кои уценувачки настапуваат кон било која влада и кон било која голема партија и тие се сметаат за главни играчи на државата затоа што носат покачување на брутодомашниот производ – посочи Поповска.
Во име на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Александрова информираше дека ќе предложат закон за намалување загадувањето за 50 отсто во 2021 година, кој, меѓу другото, ќе опфаќа и воведување на забрана за греење на дрва, мазут и јаглен во урбаните средини.