Попоски за Фокус: Берлин ќе биде на линија на проширувањето

Ако брзо не се менуваме демократски и економски, само ќе ги зголемиме редиците за германски работни визи, оценува поранешниот шеф на дипломатијата.

by Фокус

Новата влада во Германија е коалиција од партии чии гласачи во просек треба да се поотворени кон Балканот, а и не се против поголема Унија, вели за Фокус поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски, анализирајќи како изборот на нова германска влада на чело со социјалдемократот Олаф Шолц ќе се одрази врз односите со Македонија и врз нашите евроинтеграции.

-Социјалистите, Зелените и Либералите би имале помал проблем со гласачкото тело отколку десничарите за одлуки кои би се однесувале на можни нови членки. Но, тоа секако не е одлука која ќе се носи во овој мандат. Во надворешна политика не е за очекување драстична промена. МНР ќе биде предводено од Зелените, чии водачи најавуваа нешто потврда линија во однос на руско и кинеско влијание во текот на кампањата – вели Попоски.

Со оглед на економските и енергетските проблеми во Европа, истакнува тој, Балканот не може да се наметне како висок приоритет. Сепак, според него, Берлин ќе биде на линија со сите кои ќе сакаат да се одржува проширувањето во живот.

-Сигурно ќе се заинтересирани да не тонеме демократски. Но, логично е Германија да се грижи најмногу да остане конкурентна и привлечна за стручен кадар. Ова е и највисок приоритет за Либералите кои ќе ги предводат финансиите, но и за Зелените кои најавуваат револуција во економијата и инфраструктурата, што секако бара плус работна сила која ја немаат во изобилство – објаснува Попоски.

Тој смета дека токму тоа можеби ќе биде најголем проблем за мали земји како Македонија, но воедно порачува дека тоа е реалност која, како што вели, мора да не мотивира побрзо да се средуваме дома.

-Ако не се менуваме демократски и економски, и тоа многу брзо, само ќе ги зголемиме редиците за германски работни визи, па може да се доведеме да нема што да се интегрира во ЕУ од Балкан – потенцира поранешниот шеф на македонската дипломатија.

По 16-годишното владеење на ЦДУ предводено од Ангела Меркел, денес социјалдемократот Шолц го презеде раководењето на новата влада, во која, покрај неговата СДП, клучно место имаат Зелените и ФДП. Инаку, новиот германски канцелар вети дека неговата влада ќе се залага за силна Европска унија и дека ќе го унапредува трансатлантскиот воен сојуз.

В.С.

Поврзани новости