Годинава со Грција се воспоставени канали за комуникација, има сериозно подобрување на двете страни кај министерствата за внатрешни работи и воспоставени се дипломатски канали кои комуницираат за овие прашања, изјави Министерот за надворешни работи Никола Попоски на прес-конференцијата по завршувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на Македонија, Грција, Бугарија и Албанија во Солун.
“Тоа не значи автоматски дека се ќе биде решено, но мораме да бидеме внимателни затоа што се уште и денес, активисти, НВО и трговци со луѓе соработуваат преку границите на полесен начин од државните инситуции”, истакна Попоски.
Македонскиот министер смета дека ваквите состаноци се добар формат за справување со миграцијата и е добар начин на кој четирите земји можат да се справуваат и со други прашања во иднина.
“Една од пораките кои ги испраќаме од овие состаноци е дека ќе ги координираме нашите напори, ќе се обидеме да избегнеме да имаме решенија кои се на сметка на само една држава и во овој случај мислам дека треба да испратиме јасна порака, тоа е наша улога, така го гледаме од македонска перспектива, дека треба да испратиме јасна порака оти патот преку Балканот за мигрантите нема да ја види истата еволуција како што беше во 2015”, истакна Попоски.