Македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, беше гостин на „Би Би Си“, каде зборуваше за справувањето со мигрантската криза. Водителот ја напаѓаше политиката на Македонија и тоа што македонската полиција употребила солзавец и градела огради.
На овие обвинувања министерот одговори дека Македонија се обидува да ги спроведе одлуките на Советот на Европската Унија, односно да ги спречи илегалните преминувања на јужната граница и да обезбеди прифатни центри во кои ќе се регистрираат мигрантите.
-Ако ме прашате мене, на Македонија би и било најлесно да ја отвори границата и да ги пушти сите мигранти да ја поминат нејзината територија и да заминат во западно-европските земји. Но, тоа е токму она против кое лобираат земјите-членки на ЕУ. Тие нагласија дека сакаат сеопфатен миграционен систем и веродостојни баратели на азил, кои ќе се регстрираат и ако ги исполнат условите, ќе можат да го продолжат својот пат до ЕУ, одговори Попоски.