Водостојот на Вардар во село Раотинце во Општина Јегуновце е речиси на исто ниво во споредба со синоќешната квота, велат од месната заедница на ова село. Утринава се забележани се повеќе поплавени ниви и домови.
-Како што гледаме водостојот е речиси ист, можеби за неколку сантиметри намален, но тоа не ја менува многу состојбата. Голем проблем е што се повеќе ниви и домови сега се под вода оти излеаната вода од реката Вардар мора некаде да заврши, а нашите домови и ниви се покрај реката и утринава веќе евидентиравме дека има повеќе поплавени објекти и земјоделска површина. Добро е што дождот престана да врне, но стравот се уште постои – вели Васко Јанчевски од месната заедница од Раотинце.
По секои поројни дождови, Вардар со години и децении се излева и поплавува домови и ниви во неколку села во општината Јегуновце. Најкритично е во соседните Раотинце и Копанце. За решавање на проблемот, потребна е регулација на коритото на реката, за што е изготвен проект, но досега нема никаква реализација на терен, и покрај многубројните ветувања на властите.