Државниот архив веќе три дена не работи, во новата зграда покрај Камениот мост нема струја и сето тоа поради поплавата која се случила во понеделникот во објектот, дел од „Скопје 2014“. Ова го потврдуваат од одделенијата на Архивот во Велес, Куманово и во Битола, како и дел од вработените коишто ги сретнавме пред влезот во новата зграда на скопскиот кеј. Не работат ниту телефонските линии во централата.
Вработените велат оти поплавен е најдолниот, вториот кат под земја кадешто се сместени и инсталациите за електрична енергија, меѓутоа тие уверуваат дека не е направена никаква штета на архивските материјали бидејќи тие се наоѓале на погорните катови. Потврди и директорот на Архивот, Зоран Тодоровски кој за „Фокус“вели дека материјалите се на сигурно, на шестиот кат а денеска неговата институција не работи, оти пумпите сѐ уште ја вадат водата од подрумите.
Според информациите на „Фокус“ во понеделникот во Архивот се „нацртале“ и претставници на Владата и на судот за да проверат дали нешто од архивските материјали е оштетено.
„Фокус“ во понеделникот пишуваше и дека од поројниот дожд настрадале и новиот „Стар театар“ и подрумите на новиот и „барокен“ објект на Министерството за надворешни работи.