Македонија стана плодна почва за фашистички идеи!

by lali 11:00
11:00

Веќе подолго време сме сведоци на сè повеќе фашистички идеи, кои се сè погласни и погласни. Навивачките групи на спортските клубови, но и на репрезентацијата на Македонија, на спортските терени користат фашистички пароли. Можете да чуете „Чиста Македонија“ или „Чисти албански територии“, во зависност од етничката припадност на навивачите. Се предлагаат гасни комори за своите сограѓани само поради различната етничка и верска припадност.

По ѕидовите од зградите почнаа да никнуваат кукасти крстови и други фашистички симболи и пароли. Низ кафеаните можете да чуете како се величаат и се релативизираат воени злосторници и воени злосторства.

Секако, не може, а да не се спомне етикетирањето и повикувањето на линч врз критичарите на власта од страна на една група луѓе, во која најгласен е еден криминалец, кој се преставува за новинар!

- Advertising -

НАЦИОНАЛИЗМИ ШТО МЕЃУСЕБНО СЕ ХРАНАТ

Почитувани, прашање е како се случи една држава, чиј најсветол историски момент е антифашистичката борба, врз чии темели е изградена оваа држава, да стане земја во која никнуваат фашистички идеи? Сигурно не е дека од едно утро, така, сами од себе, без некоја причина, огромна маса граѓани почнаа да сонуваат за чисти етнички територии.

Мора да си признаеме дека постојат огромен број луѓе во Македонија, кои сакаат да се разбудат едно утро, а државава да биде етнички чиста. Политичките елити, посебно власта, во последните осум години, заради свои хирови, но и заради свои интереси, преку системски приод ја создаваа таа плодна почва за фашистичките идеи.

Системскиот приод има свој вовед со онаа приказна за поголема стабилност и побрз развој на заедницата, па и на сметка на човековите права. Ова се елементите од системскиот приод, кои лесно се забележуваат кај нас.

Поттикнување и продуцирање екстремен национализам. Власта многу години, директно и индиректно поттикнува или продуцира екстремен национализам. Ќе опишам три примери.

Прво, несанкционирањето и премолчувањето од страна на државата на тие што продуцираат фашистички идеи се подразбира како одобрување.

Второ, ДПМНЕ и ДУИ, како владеjачки партии, кои одлично соработуваат, поттикнуваат национализми кои меѓусебно се хранат. Македонскиот национализам го мобилизира албанскиот национализам и обратно. Мобилизираните толпи се поголемо гласачко тело за овие две партии.

Трето, славењето на осуден воен злосторник, каков што е Јохан Тарчуловски, среде плоштад.

Презир кон човековите права. Исмејување и жигосување на припадниците на ЛГБТ-заедницата во Македонија, како и дебатата за право на абортус, се најдобри показатели за овој сегмент од системскиот приод.

СОЗДАВАЊЕ НЕПРИЈАТЕЛИ, ЗЛОУПОТРЕБА НА РЕЛИГИИТЕ…

Контрола на масовните медиуми. Како никогаш досега, масовните медиуми се под контрола на еден центар. Преку масовните медиуми се убива критичкото размислување. Се истиснува просторот на секој што размислува различно од власта, па на поголемите национални медиуми гледате како кружат едни и исти, 10 луѓе, кои ни се претставуваат како аналитичари, а, всушност, се подлизурковци на режимот.

Создавање непријатели. Оваа фашистичка алатка се користи со цел да се мобилизираат луѓето во една заедница. Прво се измислува надворешен моќен непријател, кој треба да претставува закана за заедницата. Сите што се противат и критички размислуваат се етикетирани како домашни предавници и странски платеници, непријатели на Македонија, па колку и да придонеле во изградбата на ова општество. Кај нас најголемите црни кампањи се произведени против Бранко Црвенковски и Владимир Милчин. Па, така, со измислените домашни и странски непријатели, се мобилизираат членовите на заедницата.

Се злоупотребуваат религиозните институции за манипулација на верниците. Денес, за жал, најголемите верски институции, МПЦ и ИВЗ, се во функција на дневната политика, извори на национализам во функција на партиите на власт.

Поклопување на синдикатите. Работничките права со години се намалуваат! Постојат жени што работат од шест до шест за шест илјади денари, а синдикатите, наместо да ги бранат нивните права, се однесуваат како портпароли на власта. Сиромашните луѓе се материјал од кој се градат диктатурите.

Не заборавајте, укинувањето на човековите права е секогаш во име на стабилноста и побрзиот развој на заедницата. Државата, пред сè, затоа што ти си Македонија!

Поврзани новости