Да речеме дека и ќе не внесиш како „Торбеши“ во Уставот, биди сигурен не и во видното поле на високата политика во државата, зошто таму отидоа многу луѓе, ама дел од нив не останаа луѓе
Пишува: Реџо МУСЛИОСКИ
Овој пат не ја должам со воведов, од навика не можам да не кажам дека се јавувам од Река, која како да нема сили да го разгоре духовниот пламен за да не ни згаснат прадедовските огништа. Жилавата Река како да му се предаде на времето и уџум преселбата во неповрат.
Живеејќи со мојот неспокој, еден внатрешен глас како да ми вели: на Река така ѝ било пишано, да остане само трезор на лелеците од небројани разделби, болно до изгори, особено оние кога се селевме за Анадолија.
Денес пак ние што останавме, а се надеваме дека живееме, го живееме времето кога врбите крај Радика се на мртва стража, единствено летачките водопади ја разбиваат тишината што ечи од немир, извикувајќи: „Македонијо најубава си кога си праведна“. Но, да се вратам на насловот.
Со почит го изговарам името на неговото височество пописот, како неопходен статистички чин за напредок на државата. Ќе бидам многу разочаран ако навлече обланда на етнички инженеринг со вкус на проценти и мирис на политика, или само ќе биде точен збир на неточни податоци.
НАШАТА МАЌЕА – ИСТОРИЈАТА
Инспирација за моево јавување ми даде мојот комшија, кој со почит ме праша: „зашто во пописните листи нема графа за Македонци Муслимани“. Се обидов да му објаснам, ама не се разбравме. Затоа денешново мое навраќање на темава ќе ми биде едно од најтешките, заради нашата етничка главоболка, во националното како подарок, од нашата проклета маќеа историјата.
Знам ако премолчам нема да ми биде сеедно, ако прозборам ќе предизвикам гнев да не речам и презир, од некои мои истородници, ама нели темава ми беше домашна работа, нема бегање и по цена да навлечам последици на несмасен каскадер.
Кога пописите доаѓаат на „Торбешите“ како коските да им заладуваат, загрижени што ли овој пат ќе милуваат, за национално да запишуваат, во услови кога на сите околу нас националното им е свето, а нашето проклето. Велат еден ден и проклеството завршува, ама со нас како за инает не сака да се збогува.
На повидок е нашиот театар на апсурдот кој ме тера да ја истурам мојата лутина, кон нашата национална самосвест, која е изложена на подметнати итрини со кои со години ги оддржуваат живи нашите разлики во националното, на нас различните, а толку исти, повеќе пати кажано, ама овој пат го заслужи насловот за да не биде заборавено. Слушам деновиве мнозина мои истородници, кои седнале во скутот на асимилација и самоасимилација, како се јадукаат, аман, кај се најде сега и овој попис за да не биде човек раат!
Еве, да бидам и појасен, во една моја колумна во „Утрински весник“ напишав: „Торбешите“ како да немаа доволно историско време за будење, со години својот идентитет го греаат на тивок оган и постојано во казанот додавале разни мирудии, ама пустата манџа пак иста.
Си велам, кој е тој наш судбински прогон и натаму да останеме етничко тесто за месење. На пописот ќе не има како: Македонци Муслимани, Албанци, Турци, се разбира и „Торбеши“, ама сите задумани пред раскрсница како по правило влегуваме во бесконечен кружен тек.
Не сум историчар за да дадам поиздржан фактографија за историското патешествие за овој народ. Мојата цел овој пат е да се обидам да ги изнесам моите гледања, зошто бродот на нашето осознавање удри во санта мраз и да го искажам моето мислење, колку е утешно да се живее со „торбешкото“ за национално, како и зошто резултатите на пописот ќе ни бидат утеха, а не и адут.
МАЛИОТ ЈАС И ГОЛЕМИОТ ТИ
Посебно сакам да им се обратам на оние кои не биле на часот по историја, или пак биле, ама не биле внимателни кога се предавала оваа тема и чувствувам дека треба да ги потсетам на научната дефиниција на МАНУ, за етногенезата и идентитетот на оваа популација. Всушност таа и никогаш не била оспорувана од сите прогресивни борци за национална и социјална слобода од македонскиот, албанскиот и турскиот народ во Македонија.
Денес неа ја покрива повеќе децениска прашина, ама сепак е уредно архивирана. Научната мисла била и е оспорувана само од оние кои велат: „каква наука, ние така си сакаме, наше право е за што во националното ќе се определиме“, како да им е во навика на секој попис различно, ама нели слободата на избор не е и секоја желба на идивидуата.
Знам дека ние не сме од тие среќници, националното како што е редот да си го носиме од раѓање, затоа изборот во националното е наша горка привилегија, за да на некои наши поединци не им е битно кои се и што се, туку што е потребно овој пат да бидат, никој и ништо. Се чудам и си велам, колку тоа гордо трговски звучи!? Прифаќам дека слободата на избор подразбира и грешки, ама не и изборот во националното до тој степен да се вулгаризира, како да е право на избор на лична гардероба од најнова мода.
Јасно ми е дека времето зад нас сведочи дека имаме лузни и длабоки траги, во свеста врз верско-национална основа, ама тоа не ни дава за право, да велиме: „бидејќи вие не нѐ сакате“, ќе бидеме само „Торбеши“. Велат вистинска работа е да се борите, се додека за целта не се изборите. Не дека ова е лесно во опшество, во кое уште како мали сме се прашувале кој си ти, кој сум јас? Тоа продолжува и денес, малиот јас и големиот ти, овој е наш, овој не е наш.
Од мноштво причини за нашиот неуспех ќе ги спомнам само оние кои не можам да ги прескокнам. Науката не ја обвинувам, таа си го кажа своето, а зошто не ги сопре илузиите за непромислен наш авантуризам во перцепцијата за националното се должи на нашите грешки во процесот на националното осознавање, коѝ не беа ни малку ни мали.
Молкот на нашата интелектуална сила е посебна приказна, интелектуалецот треба да има јасен став, а не само диплома. За политиката имам сериозни забелешки, затоа што нашето прашање го отвараше само пред пописи и пред изборни жетви.
А тоа, пак, што со нашата манифестација остававме впечаток дека е создадена да води битка за бројка, а не битка за национална самосвест и уште по силниот впечаток дека се бориме против нешто или некого, а не за себе, така што ги изместивме програмските цели и место да добиеме подршка од другите околу нас, ние како да баравме милост.
ОТФРЛЕНИ ОД МАТИЧНАТА НАЦИЈА
Денес не треба да се чудиме зошто продолжија заблудите и пазарењето со совеста, што го влечеме со години наназад. Жално но вистинито, состојбите само ги лоциравме но не ги променивме, ама нели времето не трпи грешки и не простува погрешни чекори.
Најголемиот пакост на осознавачката пролет ни направија нескриените изливи на православниот егоизам, кој ја оспоруваше вистината дека македонската нација е од повеќе верски конфесии, како едвај да чекаа да удрат по своите со однос , како да не и вие Македонци!
Конзерватизмот, пак, и традиционализмот охрабрени од нивниот брат опуртанизмот, нашите стремежи да бидеме народ ги заглавија во темните лавиринти на повеќе децениските заблуди и стереотипи во лубеницата да се гледа диња. Ете зошто, „Торбешот“ со искршени заби од белите камчиња во оризот, со пелтечење го изговара националното Македонец. Сме имале и други бројни „бисери“ што ја трауматизирале нашата национална свест.
Еве и еден ќе споменам, имав прилика да проследам ТВ емисија на оваа тема со наши интелектуалци, водена од новинар познат по ставање плочи, на крајот на емисијата им го запре здивот и им го ничкоса погледот на присутните со неговиот „бисер“ заклучок: „Вие сте Македонци со погрешна вера“. Испука истрел, за наш национален отстрел и нѐ поплочи како што му е редот и испрати порака кон нашата популација на која и без тоа верското им е посвето од националното.
Но би бил многу неправеден, ако во оваа прилика не изразам почит и благодарност кон бројни наши чесни, искрени поддржувачи и пријатели, кои мене и на моите истородници, нѐ охрабруваат да не велиме бевме и заминавме во историјата, отфрлени од матичната нација, ние кои немаме илузии за резервна татковина.
И на крај со почит, сакам да му се обратам на мојот пријател, господинот Мевмет Џемајлоски-екс пратеник и жесток борец со „торбешкото“ да нѐ внесе во уставот. Од само на мене познати причини сакам искрено да му кажам: „бори се, ама не надевај се“. Ова ти го вели твојот истородник кој со своето име, својот мајчин јазик и идентитет Македонец, уште како голобрадо момче е во Уставот, а денес ја крчмам осмата деценија од животот, ама таму како таков никој не ме виде.
Не сакам со мојот воздржан оптимизам да те разочарам. Еве, да речеме дека и ќе не внесиш како „Торбеши“ во Уставот, биди сигурен не и во видното поле на високата политика во државата, зошто таму отидоа многу луѓе, ама дел од нив не останаа луѓе.
И за самиот крај како што реков на почетокот, ние различните а толку исти, дали како Македонци Муслимани, или „Торбеши“, Турци или Албанци, уморни од докажување дека се поголеми католици од Папата, во оваа земја, одговорно тврдам дека ќе бидеме ценети и сакани онолку колку што не сакала нашата проклета маќеа историјата. Амин!