ДКСК ќе може да бара документи за имотот на наши функционери и во Србија и Црна Гора

by fokus

Српската министерка за правда Маја Поповиќ, црногорската министерка за правда за човекови и малцински права Владимир Лепосавиќ и претседателката на Комисијата за спречување на корупција на Северна Македонија Билјана Ивановска денеска во Белград потпишаа Меѓународен договор за размена на податоци за имотот на јавните функционери, подготвен во рамките на Регионалната иницијатива за борба против корупција.

По ратификувањето на овој договор во државите потписнички, надлежните органи на една држава, на барање на друга држава, ќе достават податоци за можен имот или деловно работење на јавни функционери во таа земја, кои се осомничени за сторено кривично дело или каков било вид на корупција.

Претставникот на Северна Македонија, претседателката на Комисијата за спречување на корупција, Билјана Ивановска, изјави дека со потпишувањето на овој меѓународен договор се отвора нова можност за проверка на податоците за имотот и интересите на службените лица надвор од нивната матична земја, и дека тоа е првиот чекор кон откривање на незаконски стекнат имот кој се пренесува или се купува во странство.

Во пракса, на пример, македонската комисија за борба против корупција, која врши преглед на јавен службеник, ќе може да бара информации директно од колегите во Србија и Црна Гора за имотот на тој јавен службеник – без разлика дали тој поседува работа, бизнис, имот, а потоа надлежната агенција во Србија или Црна Гора ќе ги достави овие информации до комисијата во Северна Македонија.

– Борбата против корупцијата и организираниот криминал е еден од приоритетите во работата на Владата на Република Србија, изјави по овој повод министерката Поповиќ.

Србија е целосно посветена на процесот на европска интеграција и свесна е за неопходноста од суштински и темелни реформски процеси во областа на правдата и основните права, како и во областа на борбата против корупцијата, нагласи Поповиќ, се наведува во соопштението на српското Министерство за правда.

Црногорскиот министер за правда, човекови и малцински права Владимир Лепосавиќ, изјави дека Меѓународниот договор за размена на податоци со цел проверка на изјавите за имот, има за цел да придонесе за спречување на корупцијата преку директна административна размена на податоци во врска со пријавениот имот меѓу страните потписници .

– Факт е дека не е невообичаено луѓето да пренесуваат имот во друга земја со цел да го заобиколат законот, затоа е од особено значење да се развијат механизми за подобрување на размената на информации што може да упатуваат на такви незаконски активности, изјави Лепосавиќ.

Владан Јоксимовиќ, директор на секретаријатот на Регионалната иницијатива за борба против корупција, кој го подготви потпишаниот договор, смета дека денешната церемонија претставува почеток на нова и директна форма на меѓудржавна соработка меѓу земјите потписнички за да се обезбеди транспарентност и зајакнување на интегритетот на јавните службеници .

Поврзани новости