-За да добиеме повеќе гласови на Евровизија, треба да направиме циркус на сцената, да испратиме наши претставници кои буквално ќе се зафркаваат, оти мислам дека едно класично глупирање би можело да помине многу подобро од било какви кореографии и квалитетни вокали – вели поп и оперскиот пејач во Хорот на МОБ, Марјан Стојановски.
Музичарот кој се појави на естрадата кон крајот на минатиот век и беше еден од најпопуларните поп пејачи во тоа време, чии хитови ,,Подарок’’, ,,Љубов ти е адреса’’, ,,Ненаситен’’, ,,Срце ќе ти украдам’’ и други и денес се вртат по радио станиците, е искрен дека дури и не го следел преносот на Евровизијата.
Вели дека одамна сфатил како целата манифестација е всушност една голема забава, на која треба да се испраќаат ексцентрични пејачи.
-Сериозно, навистина напразно се трудиме со години, овој настан е класична зафрканција. Ни треба некој кој што на сцената буквално ќе се зафркава, така можеби ќе добиеме повеќе гласови. За џабе ни е воопшто да се трудиме, зарем тоа не се виде во сите овие години? Ни вокали, ни кореографии, ни чуда! Само класично глупирање може да ни донесе поени и да направи да бидеме забележани, тоа е моето искрено мислење, за жал – вели Стојановски.
Тој досега, во својата кариера која ја започна пред повеќе од две децении, само два пати конкурирал да не претставува на Евровизија. Еднаш пред три години, и еднаш во далечната 2000 – та, на Скопје Фест. Раскажува дека на фестивалот настапил првенствено поради тоа што го сакал поради пеењето во живо со оркестар, а не наменски за да оди на Евровизија.
-Кај мене, одамна е присутно чувството дека ние всушност и немаме естрада. Ја немам таа перцепција дека имаме естрадна сцена, како што тоа е случај со другите земји на пример. Сепак, и покрај тоа, јас не се откажувам од музиката и редовно снимам нови материјали. Настапувам повремено во клубови и локали, вработен сум во МОБ, музиката била и ќе остане дел од мене, без оглед на тоа каква е состојбата во која се наоѓа оваа наша музичка сцена. Сега снимив нова песна, се вика ,,Без тебе’’ со музика и аранжман на Дамјан Лазаров, а текст на Ана Пандевска. Наскоро ќе биде завршено и снимањето на спотот. Пред две години исто така ја снимив песната ,,Кога сум крај тебе’’ и спот за истата, но вистината е дека немаме каде да ги испромовираме новите материјали. Но, не се откажувам, снимам уште нови песни, ќе ги промовирам како синглови – раскажува крушевчанецот, кој веќе околу дваесет години живее во Скопје.
Околу приватниот живот, вели дека се уште нема формирано семејство, и како животот му се врти околу музиката, настапите во Македонска опера и балет, гостувања во локали и работа во студио. Зад себе има голем број на награди од домашни и интернационални фестивали и вели дека без оглед колку е безживотна состојбата на нашата естрада, не се откажува од пеењето и снимањето.
Вики Клинчарова