Поп Ацев за Охридскиот маратон: Штом не може да соберат пари еднакви на партиска прослава, значи никој не е потресен за спортот!

by Fokus

Откако вчера беше обелоденето дека Охридскиот маратон оваа година нема да се одржи по шест децении, македонската јавност упати низа критики кон одговорните луѓе во Пливачката федерација за таквиот потег.

Причина за откажување на маратонот е блокираната банкарска сметка, а маратонскиот пливач Евгениј Поп Ацев за „Фокус“ порача дека е разочаран од таквата состојба.

„Многу е жално што е откажан Охридскиот маратон, како за нас како пливачи, но и за сите љубители на спортот во Македонија. Тоа беше многугодишна и константна традиција која не само што ги собираше најдобрите пливачи од светот, туку претставуваше промоција на Охрид и Македонија и беше вистински празник за љубителите на спортот и културата“, разочарано вели Поп Ацев.

Според него, пливачкиот спорт во Македонија е тотално запуштен, во моменти кога се даваат високи суми за политички прослави.

„Пливањето е пуштено низ вода веќе долго време со немање средства, услови, големи трошоци. Многу пливачи се откажуваат од што немаат доволно пари да платат влез на базен, а камо ли да одат на натпревар. И на тоа веќе некако навикнавме. Но штом државата не може да собере средства – еднакви на една партиска прослава или неколку ручеци или нешто слично за една голема манифестација од ваков карактер, тоа значи дека никој нити е заинтересиран нити е потресен за спортот кај нас“, го заврши разговорот пливачот.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости