ЕЛЕМ го поништи тендерот за изградба на проектот „Рајска градина“ во скопската населба Аеродром. На тендерот се јавиле фирми што ги исполнуваат условите, но сепак постапката е прекината.
ЕЛЕМ во соопштението не ја дефинираше судбината на рајската градина и не се знае дали ќе се гради проектот, кој инаку наиде на бурни реакции во јавноста.
Проектот според првичните проценки, требаше да биде вреден 14,5 милиони евра и да се изгради на површина од 15 хектари.
Според плановите, изградба се состоеше од четири фонтани високи до 13 метри, реплика на Венера Милоска, антички ликови, лавови и грифони. Во паркот требаше да шетаат елени, срни, ретки видови птици, фазани, пауни, а среде паркот требаше да има голем кафез со мајмуни и други парчиња како дел од комплексот.
Изградбата на рајскиот парк беше најавена пред околу 4 години од тогашниот премиер Никола Груевски, кој најави дека рајската градина ќе биде меѓу петте најубави паркови во светот. Од ЕЛЕМ тогаш рекоа дека рајската градина е по барање на владата и уверуваа дека нејзината изградба нема да ги зголеми сметките за струја..