По втор пат поништен е огласот за избор на член на Судски совет. Откако првиот оглас пропадна бидејќи главниот претендент имаше главно искуство како полициски инспектор, се распиша втор оглас според новиот Закон за судски совет, кој пропишува построги критериуми за избор во делот на работата и научното искуство, а се бараа и препораки.
Меѓутоа, не успеа ниту вториот оглас, од причина што еден од двајцата кандидати што влегоа во најтесен избор своевремено бил разрешен од судската функција, а тоа го сокрил во апликацијата. Станува збор за Сејфула Османи, кој, како што објави „Фокус“ пред неколку дена, се повлекол од судиската функција, откако претходно бил разрешен поради нестручно и несовесно работење.
Имено, Османи бил судија во Основниот суд-Гостивар се до 18.01.2010 година, кога Судскиот совет носи Решение со кое му се утврдува престанок на судиската функција по негово барање. Арно ама, во ова Решение објавено во Службен весник на 20.01.2010 година, се наведува дека Судскиот совет утврдил престанок на функцијата на Османи, откако претходно (02.12.2009) било донесено Решение за негово разрешување поради „нестручно и несовесно вршење на судиската функција“.

Инаку, тој беше еден од двајцата кандидати за нов член на Судскиот совет заедно со Арбер Исаку, кои собраниската Комисија за избори и именувања ги издвои од поширок список и ги предложи до Собранието на гласање. Сепак, за оваа точка воопшто не беше отворена расправа, што предизвика реакција од албанската опозиција предводена од ДУИ, од каде прашаа дали во позадина се прават одредени калкулации околу кандидатите?
Во извештајот потпишан од известителот Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото, стои дека по објавувањето на огласот на 02.02.2026 година за нов член на Судски совет се пријавиле 10 кандидати, при што 6 ги исполнувале условите и доставиле комплетна документација. Притоа, од овие 6 кандидати на јавна расправа пред матичната собраниската комисија настапиле петмина, меѓу кои биле споменатите Османи и Исаку.
На крајот, на предлог на Беким Ќоку од ВЛЕН, Комисијата утврди предлог-листа со двајца кандидати, при што прво е наведен Османи, доктор по правни науки од Градец, Врапчиште, а потоа е наведен Исаку, дипломиран правник со положен правосуден испит од Тетово. Меѓутоа, на собраниска седница не дојде до гласање за предлог кандидатите по наведениот редослед, а вчера на седницата на Комисијата за избори и именувања е соопштено дека огласот се поништува.
–Комисијата за прашања на избори и именувања го повлекува материјал извештајот за спроведена постапка за огласот за избор за член на Судскиот совет што го избира Собранието и предлог листата на кандидати кои Комисијата ги утврди на седница на 5 март 2026 година – посочил претседателот на Комисијата Ѓорѓија Сајкоски без никакво образложение и без патем ниту еден член на Комисијата да земе збор.
Сепак, причината за тоа е лажната или нецелосната изјава на еден од кандидатите, т.е. на Османи, кој во биографијата што ја доставил до пратениците навел дека е вработен на Факултетот за правни науки при струшкиот универзитет и дека работи како адвокат, додека во мотивационото писмо посочил дека е експерт по меѓународно право. Но, никаде не посочил дека бил разрешен.
„Како поранешен судија непосредно сум ја извршувал функцијата со високо чувство на одговорност, почитување на принципите на независност и непристрасност “, навел Османи, кој во една прилика изјави дека поднел оставка од работата како истражен судија во гостиварскиот суд поради, како што рече, притисоците што врз него ги вршел тогашниот министер за правда Михајло Маневски.
Разрешен судија се предлага за нов член на Судскиот совет!
Влатко СТОЈАНОВСКИ