Помор на риби е забележан по течението на Вардар во општината Аеродром, а според првичните сознанија загадувањето најверојатно доаѓа од кругот на поранешна „Железара“. Од Град Скопје велат дека спровеле вонреден инспекциски надзор и дека се земени примероци од водата.
„Дежурните инспектори од Инспекторат на Град Скопје заедно со екипи на ЈП „Водовод и канализација“ веднаш излегоа на увид на терен. Од страна на екипите на ЈП „Водовод и канализација“ веќе се земени примероци од водата за испитување. Првичните индиции на градските инспектори се дека загадувањето на реката на овој потег е од кругот на поранешна „Железара“. Во координација со надлежните државни инспекции ќе следат вонредени инспекциски контроли во кругот на „Железара“, а одговорните субјекти за ова загадување ќе бидат соодветно санкционирани“, соопштија од Град Скопје.