2015 е најтешката година од осамостојувањето на Македонија. Многу е лесно да се докаже тоа. Во неа беше сублимирано сѐ што повеќе од дваесет години ја рони земјата, како што дејствува тивок дожд на свлечиште пред да се лизне и да збрише сѐ пред себе. Имаше убиства, обид за почнување војна, наместени пресметки, пропаганда, пропаганда и пак пропаганда, уривање на сите вредности, криминал и криминал, сето тоа поткрепено со аудиоматеријал, кој го потврдува секое сомнение. Сите што ги затнаа ушите пред кажаното се соучесници. Епилогот не може да се напише на 31 јануари. 2015 ќе го има својот епилог во 2016. Телефонските разговори меѓу луѓето од власта не покажаа луѓе што се криминалци, убијци и мафијаши. Тоа би било многу упростено објаснување на таа стратегија и обезвреднување на туѓиот живот, играње господ таму каде што и тој би се замислил. Ова подвижно зло со карактеристики на тајфун, кое еден дел од луѓето ги одмина како јужен ветер развигорец, далекусежно го доведе во прашање кредибилитет на една држава и карактерот на еден народ. Како дрвена кола, чии тркала се до половина во кал, и кој и да сака да ѝ помогне, и самиот се заглибува сосе неа уште подлабоко дури калта може да голта.
Еден човек без човечки особини сѐ уште не знае дека пеколот не е само во стиховите на Данте, туку може да се материјализира. Еден човек заборави дека не треба да му се прави на другиот она што не сакаш тебе да ти го прават. Тој зол глас што им одекнува во ушите на сите што сакаат да слушнат, засекогаш ќе ја обележи 2015 како година на некрополиси, градови што се мртви. Сите зборови што веќе се во употреба за да објаснат нешто, не важат. Афера, злоба, нечовечност, лудило, сите би требало да бидат подведени под еден збор, кој не постои во нашиот речник. Едно шиштење меѓу заби додека се даваат наредби и кои ги оставаат без здив дури и тие што треба да ги извршат, слични по карактер и качени на колата заглибена во калта, ќе влезе во сите историски книги. Сите ја слушнавте онаа тишина од другата страна на слушалката, која следи по наредбата. Транскриптот нема никогаш да може да го прикаже чувството на немир што го предизвикува кај слушателите тој глас што наредува, полн со гнев, агресија, неостварени соништа на еден нереализиран човек во младоста, измачено дете што пораснало, а останало само за Нова година, без елка и без подароци. Можеби затоа му е сеедно што многу деца оваа година ќе останат без подароци, а многу возрасни без својот сон за среќен живот. Тој не сака да си оди дома во овие празнични денови зашто секоја од бомбите го погоди, без разлика на неговото блиндирано тело. Тие крвави рани што целава година се лигават, не зараснуваат, не може да зацелат со семејството покрај новогодишната елка и на трпеза со прасечко и со кифлички. Неговиот народ од кој тој очекува да го поддржи во садизмот што го познава само неговата душа, со неговиот народ тој сака да биде во овие денови, по телевизиите на плоштадите, таму каде што се меша историјата со фикцијата, се мешаат музиките, шетаат дедомразовци полупијани и со вештачки бради, луѓе се сликаат среде ден пред една бела неосветлена елка, која како дух се исправила на плоштадот полн со преоблечени згради накитени со пластика, тажни и потценети. Нема мир човекот дури не ја извојува победата и не замавта со листовите хартија со изборните резултати, не ја намести циничната насмевка на лицето и не прогласи победа. Кого победил, со кого победил, сега нему тоа не му е важно. Она што не го кажува до крај е дека верува оти народот го сака таков каков што е, штетник плевел, онаа булка поради која ќе се исуши еден куп цвеќе на ледината осветлена со сонце. Џабе е да се испраќа дома. Џабе е да му се подметнуваат книги со бајки кога тој само јазикот на напишаните говори го разбира и само тоа може да го прочита. Друго писмо не познава. 2015 беше најтешката за оваа држава и за народот, кој за да си ја спаси кожата токму од тој што се претставува како спасител, ќе биде изложен на столбот на срамот. Последната жртва на овој човек ќе биде токму народот од кој се очекува да каже амин на една опакост, и потоа да го стави на раменици и да го качи на Водно и во манирот во кој робовите ги граделе пирамидите, да му го изгради замокот на врвот, за само неколку дена. Ќе паѓаат од работа луѓето и ќе градат, а камшиците од погледот негов ќе ги бичуваат и зборовите, кои секојдневно ќе одекнуваат од екраните како зла коб.
Вообичаено, и оваа година која поминуваше во знакот на „бомбите“, сепак ќе заврши со петарди. Новогодишно.
А 2016? Во 2016 секако ќе се исуши и последната врба во Вардар, врбата – надеж, откако се исушија љубовта и верата. Ќе мора да се посади ново дрво. Ако може да биде даб. На таблата пред него да пишува: РАЗУМ!