Полскиот претседателот Анджеј Дуда денеска ќе допатува во дводневна официјална посета на земјава, во чии рамки ќе има средба со неговиот домаќин, шефот на државата Стево Пендаровски, а предвидено е да се сретне и со претседателот на Собранието, Талат Џафери и со премиерот Зоран Заев.
Како што соопшти Кабинетот на полскиот претседател, Дуда утре ќе биде пречекан со највисоки државнички почести од претседателот Пендаровски во Вила Водно, каде ќе одржат тет-а-тет средба, по што ќе следат пленарни разговори на делегациите на двете земји. Двајцата претседатели по средбите ќе одржат заедничка прес-конференција.
Дуда и Пендаровски истиот ден ќе се обратат и на отворањето на Полско-македонскиот економски форум што ќе се одржи во хотелот Мериот во Скопје.
Во рамки на посетата шефот на полската држава ќе положи венец на гробот на националниот херој Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“. Дуда ќе присуствува и на церемонија на доделување Медал на претседателот на Република Полска на Здружението на полската заедница во Северна Македонија „Полониа“.
Пред да допатува во Скопје, полскиот претседател престојуваше во Црна Гора, каде во рамки на еднодневната официјална посета вчера одржа средби со црногорскиот државен врв.