Полската влада денеска ги усвои предлозите на два закона со кои, по субвенциите за јаглен, се воведуваат субвенции за греење од други извори за домаќинствата, училиштата и болниците, со што поскапувањето на парното греење оваа сезона ќе биде сведено на максимум 40 отсто.
„Покрај додатокот за јаглен, воведуваме дополнителни можности за финансирање од други извори. Го прошируваме арсеналот на инструменти за да можат да ги користат сите граѓани. Помошта вклучува и таканаречени чувствителни објекти како болници и училишта. Централното греење мора да биде поевтино и за нив“, рече полскиот премиер Матеуш Моравјецки на прес-конференција по владината седница.
Моравјецки рече дека вториот нацрт-закон пресметува дека локалните самоуправи ќе добијат 2,9 милијарди евра, кои ќе можат да ги искористат за да им помогнат на домаќинствата да им поевтини греењето.
Министерката за животна средина, Ана Москва, објасни дека парното за домаќинствата, училиштата и болниците ќе поскапи за 40 отсто, а државата ќе им надомести преку нови прописи, доколку законите поминат во Парламентот.
„Во просек домаќинствата ќе имаат пониска сметка од 200 до 800 евра за целата грејна сезона. Тоа важи и за топлата вода. Доколку Парламентот ги усвои законите, претседателот може да ги потпише во октомври и тогаш автоматски би започнала исплатата“, рече министерката Москва.