Положани за „Фокус“: Нашиот образовен систем има слабости, во ваква ситуација сите ќе бидеме оштетени!

by Fokus

Поради пандемијата од корона вирусот, учебната година во Северна Македонија ќе започне онлајн. Учениците од прво до трето одделение наставата ќе ја следат со физичко присуство, додека пак останатите онлајн.

Ваквата одлука ги подели мислењата во јавноста, а се уште не е познато кога точно ќе стартува учебната година.

Некогашниот министер за образование, Азис Положани, кој беше прв човек на МОН од 2002 до 2006 година, во разговор за Фокус вели дека поради ваквата состојба, најмногу штети ќе претрпи образовниот процес.

Во дадените околности секаква одлука не е лесна. Имајќи го во предвид фактот дека оваа состојба не нè затекна сега, мислам дека било која одлука ако навремено и со аргументи се изанализира, врз основа на експертските предвидувања, верувам, дека ќе се најдеше не само побезбедна варијанта, туку и поприфатлива бидејќи ќе беше добро елаборирана и објаснета“, смета Положани.

Како што вели тој, нашиот наставен кадар не е подготвен да се справи со предизвикот во ваква состојба на онлајн предавање.

Во вакви ситуации мислам дека нема победници. Има само оштетени, а најмногу ќе се оштетат најслабите образовни системи. Нашиот образовен систем во последно време покажува многу слабости, па оттука сите ќе претрпиме одредени штети. Нормално најмногу тие кои се во понезавидна ситуација од аспект на инфраструктурна и технолошка подготвеност на образовните институции, а тоа  пред се се и руралните училишта и учениците што потекнуваат од семејства со низок социоекономски стандард. Дел од наставниот кадар не е подготвен да се зафати со новите технолошко педагошки предизвици во нормални околности, а камоли во вакви комплексни ситуации“, додаде поранешниот министер.

Со онлајн учењето, проблеми ќе имаат и родителите на тие деца, анализира Азис Положани.

Проблемите за родителите се од различна природа. Од неможноста да им помагаат поради објективни причини и поголемиот дел од неможноста да ги усогласат овие потреби на децата со нивните формални обврски во нивните работни места. Има и други можни проблеми кои се од психолошка природа, а се поврзани со потребата на децата да се дружат меѓу себе, да си го доживеат детството со сите други неопходни елементи за нивен здрав психофизички развој“, анализира Положани.

Дел од наставниците ќе имаат проблем со ваквиот тип на предавање, но тоа немало да се случи доколку навреме биле подготвени од надлежни институции.

Дел од наставниците ќе можат, но поголем дел се сомневам дека ќе се справат во ваквиот тип на настава. Тоа е поради тоа што доцниме со дефинирање на модалитетите за одржување на настава, недостаток на унифицирана платформа. Ако досега им беше дефинирано, ќе имаа време да ја учат и да се подготват за полесно да се справат со состојбата“, посочува тој.

Сега треба да се размислува за најсоодветен  образовниот систем, но треба да се има предвид учениците сепак да се здобијат со знаење, со цел да не им останат празнини во нивниот образовно едукативен процес, ја заврши својата анализа Положани.

Јорданчо Цветаноски

Фото – Ју Тјуб канал на Нова ТВ

Поврзани новости