Половина од хотелите во Црна Гора затворени поради пандемијата

by Fokus

Речиси половина од хотелите во Црна Гора не работат и прашање е дали воопшто ќе се отворат оваа година, неофицијално дознава „Побједа. Гостите од повеќето земји од регионот, но и од Европската унија, не можат да дојдат во, до неодамна, „дестинација без корона“ и многу летови се откажани, пренесува Банкар.ме.

– Во Будва беа отворени 50 хотели, во Тиват сè уште не се отворени сите хотели и не се очекува значителен промет затоа што нивните традиционални гости се од земји кои се на црвената листа. Во Бар се отворени 23 хотели, додека во Херцег Нови беа отворени 13 хотели од вкупно 41 регистрирани објекти. Голем број издавачи на приватно сместување сè уште не почнале со работа, соопшти Стопанската комора, истакнувајќи дека ситуацијата се менува од момент во момент, што зависи од отворањето или затворањето на границите.

Хотелиерите за време на празниците имаа поголем број гости, но тие се претежно од Црна Гора, особено од Подгорица.

Како што велат хотелиерите, во јули се очекуваа туристи од сите дестинации, но според информациите од агенциите и хотелите, повеќето од претходните резервации се откажани. Резервациите обично се прават неколку дена пред пристигнувањето и затоа е тешко да се процени пополнетоста во наредниот период. Нема ниту долгорочни процени.

Министерството за одржлив развој и туризам и Националната организација за туризам спроведуваат активности за промовирање на Црна Гора. Кампањите „Во друштво на природата“ наменети за странски туристи и „Летувај дома“ наменети за домашни туристи, имаат за цел да создадат најдобри можни услови сезоната да се одвива во овие крајно неизвесни услови.

Кампањата на локално ниво „Летувај дома“ придонесува за значителен број гости и сите издавачи на сместување подготвија исклучително поволни пакет аранжмани. Исто така, како резултат на иницијативата испратена од Националната туристичка организација на Црна Гора во соработка со локалните туристички организации до хотелите во Црна Гора, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Здружението на пензионерите на Црна Гора потпишаа договори за деловна соработка со 20 црногорски хотели и една туристичка агенција со кои што се обезбедуваат поволни услови за црногорските пензионери.

Хипотекарна банка, со поддршка на хотелската индустрија, дизајнираше нов производ наречен ХБ туристички кредит, кој ќе им овозможи на граѓаните да платат за одмор во црногорските хотели на десет рати без камати и трошоци.

Бизнисмените сметаат дека со спроведувањето на првите два пакети мерки на Владата, во најголема мера се контролира состојбата со цел да им се помогне на компаниите и економијата да ја надминат кризата.

Исто така, Владата донесе одлука да продолжи со исплатата на субвенциите на дел од јунската плата на вработените во стопанските субјекти кои работат во секторот туризам и угостителство од 1 јули годинава.

Одборот за туризам и угостителство, во координација со стопанствениците, предложи серија мерки за туризмот во насока на зачувување на работните места и ликвидноста на работодавците, водејќи сметка за општата состојба во земјата. Третиот пакет мерки што неодамна беше усвоен има развоен карактер, со значајна улога на Фондот за инвестиции и развој и деловните банки. Овој пакет ќе вклучува репрограмирање на постојните кредити, нови линии за ликвидност, обртни средства и развојни проекти со поволни услови за отплата.

Според проценките на UNWTO (Светската организација за туризам на Обединетите нации), почетната фаза на закрепнување на туризмот почна во јули, при што најзначаен дел од туристичкиот промет се домашните туристи и регионалната туристичка побарувачка. Сепак, се очекува позначително закрепнување од пролетта 2021 година. Сосема е сигурно дека оваа година туристите ќе се одлучат за поблиски дестинации и дестинации кои со спроведување на здравствени и санитарни мерки успешно реагираат на епидемијата на вирусот корона. Туристите во овој момент сакаат пофлексибилна политика за откажување заради самото чувство на сигурност или можноста за добивање ваучери за откажаните резервации што ќе важат до крајот на 2021 година. Се размислува за поконкурентни цени, промоција и дополнителни попусти за подолг престој. Соодветната понуда и интензивната промоција е она што ќе има најголемо влијание врз враќањето на туристите, пишува „Побједа“.

Поврзани новости