Во Македонија има повеќе од 100 илјади граѓани кои што живеат во апсолутна сиромаштија, а повеќе од еден милион и двеста илјади граѓани неможат да си ги исполнат основните потреби.
Вакви поразителни податоци покажува анкетата за приходи и услови за живеење на државната статистика, кои денеска беа презентирани по повод Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата.
Според податоците од анкетата, четвртина од граѓаните не можат да го затоплат сопствениот дом, а секое второ македонско семејство не може да си дозволи оброк со месо или риба секој втор ден.
Претседателката на Македонската платформа против сиромаштијата Билјана Дуковска вели дека државата не смее да си дозволи вакви фрапантни бројки, бидејќи како што вели, ова нее статистика туку се човечки судбини. Таа потенцираше дека недостасуваат програми кои ќе им ги задоволат потребите и би го олесниле вработувањето.
И Министерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски вели дека не можеме да се пофалиме дека како држава вложуваме доволно напори за борба против сиромаштијата и потенцира дека Македонија на европско ниво е една од најсиромашните земји. Ременски додаде дека една од заложбите на опозицијата е да се намали стапката на сиромаштијата до 2020 година под 18 проценти.
Лидерот на СДСМ пак, Зоран Заев на денешната прес конференција рече оти главниот проблем е непродуктивното трошење на народните пати.
-Во Буџетот има пари, Македонија не беше посиромашна кога имаше буџет од милијарда и седумстотини милиони евра, сега има три милијарди и триста милиони евра, но одат за глупости. Мора да се троши за граѓаните, за нашиот народ и за најсиромашните – рече Заев.