Со зачленувањето во НАТО, Северна Македонија оствари една од најважните стратешки цели во надворешната политика, смета полковникот Зоран Јанковиќ, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, во интервју за порталот ZOOM.MK.
-Верувам дека Вие сте сега во едно семејството што заеднички со вас ќе и’ овозможи сигурност на вашата земја, на овој регион. Ќе се подобри безбедноста, тоа веќе се случува, што всушност е и најзначајното во сево ова и гледам многу други можности што ќе бидат резултат на подобрената безбедност во регионот, оценува полковник Јанковиќ.
Тој е многу горд што мисијата на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје е завршена со целосен успех.
-Како полноправна членка, сега имате две позиции во Командната структура на НАТО, имате ваша делегација во рамки на оваа структура во Брисел, во Монс, во Норфолк и на други места, така што, се очекува да ги пополните тие позиции и да дадете Ваш придонес во рамките на командната структура на НАТО и нејзиниот процесот на одлучување, вели Јанковиќ.
Во врска со одбивањето на НАТО да му даде безбедносен сертификат на полковникот Секуловски, кој требаше да биде шеф на воената мисијата на Северна Македонија во Брисел, Јанковиќ вели дека не секој добива безбедносен сертификат затоа што се такви процедурите на НАТО.
-Кога Словенија стана членка на НАТО и ние имавме такви случаи и не секој доби безбедносен сертификат. Истото ќе се случува и тука во Северна Македонија. Не сметам дека со ова се нарушува довербата кон вашите власти, туку само како дел од една вообичаена процедура во секоја земја-членка, смета словенечкиот полковник Јанковиќ.
Изрази уверување дека со постоечките процедури, со воспоставените политики, ќе се овозможи избор на вистински кадри за потребните позиции.