Во тек на вчерашниот ден во 12.30 часот во водите на реката Вардар било пронајдено безживотното тело на Милка Чалова (74), која се водеше за исчезната од 24-ти јануари.
Како што информираат од СВР Велес, телото го пронашле полициски службеници, и појаснуваат дека потрагата по демиркапијката се одвивала секојдневно, откако нејзиниот син ја пријавил за исчезната.
Додаваат дека на телото на удавената жена немало траги на насилство, и било предадено на семејството за погреб. За исчезнувањето на Чалова, „Фокус“ пишуваше во неколку наврати. Нејзиниот син Младен ни изјави дека со мајка му се било во ред дента кога исчезнала.
Првин се напила кафе со неговата сопруга, а потоа излегла од дома. Ташната на жената беше пронајдена по неколку дена покрај Вардар, на околу два километри од нивниот дом, а внатре имало само една празна ќеса. Ја опиша како жена која никогаш не би заминала од дома без да каже каде оди, и апелираше за вклучување на поголеми екипи во потрагата.
Во Демир Капија пред две години се случи исчезнување на млад човек, кој се уште не е пронајден. Станува збор за Илија Лазаревиќ, кој во април 2021 година, кога исчезна имаше 30 години. Неговото семејство до денес трага по одговорите на прашањата каде е и што се случило со него. Во Неготино исто така се уште не е пронајден Коце Панов (79), кој исчезна кон крајот на ноември лани.