Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска откри дека при упадот на полицијата на УКИМ за време на блокадата на Ректоратот од страна на претставници на Студентскиот пленум и младинската организација Мугра, во службената белешка на полицајците стои дека полицијата на Универзитетот била повикана од припадник на приватната агенција за обезбедување СГС, а не од ректорот на Унивезрзитетот, Велимир Стојковски. Министерот ова го откри на пресконференцијата за разрешувањето на началниците во пет Сектори за внатрешни работи.
-Оставив доволно време, давам поддршка секогаш на професионализмот, меѓутоа упадот на УКИМ навистина не може да се толерира, не може да се толерираат истрагите кои на некој начин биле во застој, односно нападот врз новинарите, не може да се толерираат писмените изјави дека од страна на одредени началници биле повикувани луѓето да се приклучат кон одредена политичка опција се со цел на штета на друга политичка опција и некои работни активности, затоа се преземени овие активности во пет сектори, рече Спасовски.
Инаку, откако полицијата упадна на кампусот на УКИМ, ректорот Велимир Стојковски изјави дека лично тој ја повикал да реагира.
-Полицијата ја повикав јас, и немам никаква причина тоа да го негирам, затоа што присуството на полицијата во кампусот нема никаква врска со градбата, рече тогаш ректорот Стојковски.