Од полициски аспект се преземни сите конкретни активности и сега Јавното обвинителство треба да оцени како ќе постапува во случајот со пронајдените пиротехнички средства во возилото на Д.А. од Зајас, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
-За конкретниот случај ние ги преземавме сите потребни активности од полициски аспект. Одземени се сите предмети кои беа најдени и е доставен поднесокот до Јавното обвинителство, кое ќе оцени за тоа како понатаму ќе се постапува во однос на целиот овој случај – рече Спасовски.
Одговарајќи на прашањето каков поднесок ќе има и за што ќе се товари Дрин Ахмети, тој рече дека тие поднеле известување до Јавното обвинителство во однос на нивните сомненија.
Вчера, од Основното јавно обвинителство рекоа дека за настанот е известен јавен обвинител и оти во зависност од фактите кои ќе бидат утврдени со вештачења на пронајдените пиротехнички средства, јавниот обвинител ќе одлучува за натамошниот тек на постапката.
Дрин Ахмеди, внук на Али Ахмети, на 30 декември беше приведен во центарот на Скопје, откако полициски службеници го сопреле неговото возило и во него нашле пиротехнички средства.