Владата на денешната седница ја разгледа информацијата за активностите на Министерството за внатрешни работи и на инспекциските служби за контролите и постапувањата по однос на спроведувањето на владините мерки за справување со корона вирусот за време на тековниот продолжен викенд.
„Според информациите од МВР, во текот на денот биле поднесени 114 кривични пријави по член 206 од Кривичниот законик, кои се однесуваат на дела со кои се овозможува пренесување заразна болест, како и 451 прекршочна пријава по членот 6 од Уредбата со законска сила за носење лична заштита заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот КОВИД-19 и заштита на населението за време на вонредна состојба“, соопштија од владата.
Од таму додаваат дека од страна на Државниот пазарен инспекторат биле поднесени 4 кривични пријави по членовите 205 и 206 од Кривичниот законик кои се однесуваат на дела со кои се овозможува пренесување заразна болест, при што 2 од пријавите се поднесени во Дојран, една во Струмица и една во Битола.
„Државниот трудов инспекторат, во координација со полицијата, денеска направила засилени контроли на подрачјето на Општина Штип каде што Главниот координативен кризен штаб забрани работа на текстилните и кожарските фабрики за време на продолжениот викенд. Од надзорите е утврдено дека компаниите од овие две дејности во Штип целосно ја почитувале забраната, а со засилени контроли инспекторите на трудовиот инспекторат во производствените капацитети низ државата проверуваа дали се почитуваат протоколите за заштита на работниците“, велат од Илинденска.
Владата информира дека ги задолжила полицијата и инспекциските служби да продолжат со засилени контроли и да ги санкционираат сите прекршувања на мерките.