Припадници на криминалистичката полиција вршат службени разговори со вработени во ЈП „Дрисла“, со цел да ги утврдат причините за пожарот на депонијата, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и раководител на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов, три дена по пожарот на „Дрисла“.
Според него, чадењето од депонијата е активно и денеска, но е значително намалено за разлика од претходните денови. Делот каде што се одвива чадењето е делумно затрупан, се работи со механизација, но, како што додаде, просторот е тесен и не дозволува проод на повеќе машини.
Според информациите со кои располага, Ангелов вели дека имало најмалку уште три обиди за палење на депонијата, кои, како што додаде, за среќа биле брзо изгаснати.
-Од тие причини денеска побарав припадници на криминалистичката полиција да влезат во депонијата и да поразговараат со вработените и да дојдат до релевантни информации околу можни причинители на пожарот на депонијата. Припадниците на криминалистичката полиција моментално се внатре во депонијата, не зборуваме за конкретно осомничен, туку ќе позборуваат со вработените дали постои можност некој од внатре да учествува во подметнувањето на пожарите или можеби некој од надвор доаѓа, веројатно малку физички спремен со канта бензин или шише бензин, зашто се работи за запаливи гасови, да го подметне пожарот – рече Ангелов.
Во текот на вчерашниот ден дејствувала механизација, по што некаде околу 18 часот чадењето е драстично намалено. Но, околу 21 часот часот силно се зголемило оти веројатно имало засилено горење.
-Зборувам за чадење, а не за горење. Видлив оган на депонијата нема, туку се работи за чад што излегува од внатрешноста како последица на силните хемиски и биолошки процеси што се одвиваат на депонијата, каде што се слева исцедокот од депонијата – рече Ангелов.