Собранието изгласа Декларација за фер, слободни и демократски избори

by vlatko 18:26
18:26

Собранието попладнево со 73  гласа „за“  и ниту еден „против“ изгласа Декларација за одржување фер, слободни и демократски избори за членови на советите и за градоначалници на општините и на Градот Скопје.

Декларацијата беше поднесена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, и координаторите на сите пратенички групи.

Во неа, Собранието изразува надпартиско единство за одржување на фер, слободни и демократски избори што заедно со владеењето на правото и почитувањето на човековите права и основни слободи се основните столбови на демократското општество, а се залага за доследно почитување на уставното начело, граѓанинот своето избирачко право да го оствари непосредно, на слободни избори со тајно гласање, а најостро го осудува семејното и групното гласање, како можност за манипулирање со гласовите на граѓаните и влијание врз изборните резултати.

Собранието, исто така, ја потврдува својата заложба за општество со еднакви можности за учество во политичките процеси, во кое секој граѓанин преку развој на демократските процеси и институции има еднаква можност да учествува во одлучувањето, дава целосна поддршка на Државната изборна комисија и на другите органи и институции за организирање и спроведување на фер, слободни и демократски избори преку обезбедување услови за слободно изразување на волјата на граѓаните, без страв, притисок, дискриминација, закани или манипулации, како и целосна поддршка за обезбедување независно и ефикасно набљудување на целиот изборен процес, од страна на домашни и странски организации, здруженија и медиуми, согласно закон, правилата за набљудување на изборите на Државната изборна комисија и меѓународните стандарди.

Се укажува на потребата од фер и демократска изборна кампања, при што го нагласува значењето на политичката толеранција и почитта меѓу различните политички и идеолошки опции на учесниците во изборниот процес и во таа насока особено го осудува говорот на омраза, насилството и дискриминацијата, се укажува на значењето на медиумите и на медиумското претставување на учесниците во изборната кампања за промовирање на нивните кандидати, политики и ставови.

Во оваа насока ја нагласува потребата од обезбедувањето фер пристап до медиумите на сите учесници во кампањата, а најостро ги осудува кампањите што шират дезинформации и невистини, со цел да се дискредитира некоја личност, институција, политичка партија или организација.

Собраниската декларација осудува и секаков облик на изборна корупција, злоупотреба за партиски цели на државни ресурси и институции, поткуп и уцени и било какво друго однесување на учесниците со кое може да се доведе во прашање почитувањето на демократските вредности и стандарди во целиот изборен процес.

Слични вести