Полицаецот кој пред три дена пукаше во двајца малолетници, при што едниот беше посериозно повреден, ќе се гони за обид за убиство, информираат од Основното јавно обвинителство.
-Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Струмица донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против полицискиот службеник кој повреди двајца малолетници со истрел од службен пиштол. Полицаецот е осомничен дека сторил кривично дело – Убиство од член 123, а во врска со член 19 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека за целосно расветлување на настанот, јавниот обвинител ги очекува резултатите од наредените вештачења на траги и материјални докази пронајдени на лице место, балистичките вешачења и анализите на трагите од барутни честички.
-Од сите инволвирани веднаш по инцидентот беа земени за анализа и примероци од крв и урина, како и парафински ракавици, велат од Обвинителството.
Исто така информираат и дека за осомничениот се предложени серија мерки на претпазливост – забрана за напуштање на местото на живеење, обврска за редовно јавување во суд, привремено одземање на патната исправа и забрана за вршење на определени работни активности.
-Во меѓувреме, состојбата на потешко повреденото момче се подобрува. Тој и натаму се наоѓа на скопските клиники, но е стабилен и свесен и во моментов не се наоѓа во животозагрозувачка состојба, истакнуваат од Обвинителството.