Во Гевгелија, кај касарната, утрово околу 06:20 часот бил застрелан мигрант, откако полицаец пукал кон него по обид на еден од криумчарите на мигрантите да му го одземе пиштолот. Веста ја потврдила портпаролката на СВР Струмица – Александра Трајанова.
„Од страна на полициски службеници биле забележани патничко моторно возило „мерцедес“, управувано од К.Ј. (26) и патничко моторно возило „форд фокус“, управувано од С.Б.(51), двајцата од Скопје, во кои илегално се превезувале мигранти. Возилата биле запрени од страна на полициски службеници, по што возачите и мигрантите се обиделе да избегаат, а при тоа К.Ј. физички нападнал полициски службеник, обидувајќи се да му го одземе пиштолот. Притоа, полицискиот службеник испукал од службениот пиштол и погодил еден од мигрантите, кој веднаш бил пренесен со полициско возило во објектот на Итна медицинска помош за укажување лекарска помош, каде починал“ – информира Трајанова, пишува државната МИА.
За настанот бил известен јавен обвинител и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за расчистување на случајот.
На местото бил извршен увид од ОЈО Гевгелија и по расчистување на случајот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.