Полицаец од Свети Николе, синоќа додека бил на должност пукал и усмрти 30-годишен возач од Свети Николе. Трагедијата, според соопштението на Јавното обвинителство се случила кога возачот се обидел да го прегази полицаецот.
-Според првичните сознанија, полицаецот при вршење на службени дејствија, забележал возило „лада“ кое се движело со голема брзина и велосипед кој се движел пред него. При што, возачот, видно лут од велосипедистот поради тоа што тој се движел пред него и му пречел во движењето, го запрел возилото и започнал вербална и физичка расправија. Полицаецот пристапил , ги одвоил лицата и започнал со легитимирање на возачот на патничкото возило, кој пак давал отпор и започнал со тегнење и буткање да се спротиставува на службеното лице. Потоа возачот седнал во возилото и започнал да го движи по патот држејќи го полицаецот за рака, влечејќи го десетина метри по патот, при што од брзината на движење полицаецот паднал на патот, се наведува во соопштението на обвинителството.
Отааму објаснуваат дека, откако полицаецот паднал на патот, возачот на два пати, движејќи се по патот и вртејќи полукруг се враќал кон полицаецот обидувајќи се да го прегази. Тогаш, при вториот обид, полицаецот во полуседечка положба пукал со службениот пиштол, по што возачот бил усмртен.
Од обвинителството истакнуваат дека се превземаат мерки за расчистување на случајот.