Иако Париз имаше сојузници во одбивањето за отворање преговори со Албанија, Владата на Макрон стоеше осамена во блокадата за старт на преговори со Северна Македонија, пишува европското издание на „Политико“ во денешната анализа за Самитот на лидери на ЕУ каде треба да се донесе конечната одлука за проширување на Унијата.
„Позицијата на Франција предизвика револт кај некои други членки на ЕУ, па прашањето ќе биде предмет на дебата и на Самитот. Германската канцеларка, Ангела Меркел, е меѓу оние кои вршат притисок врз Франција да ги омекне нејзините позиции. Критичарите на Франција тврдат дека Северна Македонија ги исполни условите поставени од ЕУ, како што е склучувањето на договор за долгогодишниот спор со Грција и дека неуспехот од отворање на преговори со Скопје сериозно ќе го наруши кредибилиетот на ЕУ. Некои дипломати од ЕУ се сомневаат дека Макрон го користи прашањето за проширување за да добие отстапки на други полиња“, пишува „Политико“.
Весникот ја толкува изјавата на Макрон дадена по германско-француската владина седница во Тулуз, и тврди дека францускиот претседател бил категоричен за Албанија, но дека се чини како да оставил простор за маневар кога се работи за Северна Македонија.