Какво и колкаво парламентарно мнозинство ќе ја изгласа и поддржува старо-новата влада на СДСМ и ДУИ, реконструирана со кадрите со најновиот коалициски партнер – Алијанса за Албанците?
Одговорот на ова прашање се уште виси во воздух, во пресрет на собраниската седница, на која на дневен ред се оставките и разрешувањата на дел од актуелните министри, а ќе се расправа и гласа за нови членови на Илинденска.
Имено, се уште актуелната влада првично се потпираше на мнозинство од 64 пратеници, откако власта успеа да го преживее „предавството“ на Беса на Биљал Касами, која се здружи со опозицијата за да ја урне владата. Сепак, операцијата ја упропасти Кастриот Реџепи.
Тогаш, ситуацијата во парламентот беше 60-60, па владата на СДСМ и ДУИ практично ја спаси Алтернатива на Африм Гаши, чии четворица пратеници обезбедија мнозинство од 64.
Набргу потоа, еден од четворицата пратеници на Алтернатива – Скендер Реџепи – Зејд излезе од пратеничката група и почна да делува како независен пратеник, но не го напушти мнозинството, а најави можност да остане дел и од новото мнозинство.
Сега, Алтернатива контролира тројца пратеници (Гаши, Хусни Исмаили и Сафије Садики Шаини), кои во иднина ќе делуваат како опозиција, бидејќи СДСМ и ДУИ одлучија да не го испочитуваат политичкиот договор со оваа партија.
Како што е познато, Алтернатива имаше две министерски места и многу влијателни директорски функции, кои ги презеде Алијанса за Албанците.
Воедно, со трансферот на партијата на Арбен Таравари од опозиција во власта дополнително ескалираат внатрепартиските проблеми во ДУИ, во чии рамки таканаречената „огнена група“ се противи на проширувањето на мнозинството.
Инаку, „огнените“ предводени од Изет Меџити, Блерим Беџети, Муса Џафери контролираат тројца пратеници, што беше особено значајно во ситуација кога мнозинството се потпира на 64 пратеници.
Тие тврдат дека нивниот партиски лидер Али Ахмети сака да го намали нивното влијание со помош на 8-те пратеници на Алијанса, кои, според нив, треба да го спасат првиот вицепремиер Артан Груби и другите министри на ДУИ, од кои бараат отчет и одговорност.
Затоа, Меџити и другите двајца пратеници од редовите на „огнените“ – Реџепи и Мерита Коџаџику, нема да ги гласаат новите членови на владата, а, според најавите, мнозинството нема да може да смета на нив здраво за готово.
Па, додека СДСМ и ДУИ добија плус 8 пратеници од Алијанса, тие добија сигурни тројца минус пратеници од Алтернатива, доколку, се разбира, некој и од нив наскоро не одлучи да промени страна под одредени специфични околности. Исто така, власта нема да може да смета и на тројца од ДУИ.
Но, во математичка смисла, ќарот може нема да биде ниту плус два, бидејќи влезот на Алијанса во владата предизвика реакции и кај дел од „помалите“ предизборни партнери на СДСМ.
Таков е случајот со првиот човек на Демократски сојуз Павле Трајанов, кој прво бараше почитување на принципот на рамномерна етничка застапеност во владата за да гласа за новите кадрвоски решенија.
Се чини дека тој услов беше задоволен, со тоа што ДУИ му го отстапи министерство за екологија на СДСМ, која, пак, и го даде на Алијанса ресорот правда.
Но, Трајанов реагираше и во однос на една неодамнашна изјава на Таравари, кој порача дека доколку не се истуркаат уставните измени што треба да овозможат отворање на преговарачките поглавја со ЕУ, можни се меѓуетнички тензии.
После тоа, Трајанов писмено се обрати до премиерот Димитар Ковачевски, од кого побара да се информираат партиите и јавноста за програмските определби на владата, порачувајќи дека нема да поддржат нов нов партнер доколку се заканува со дестабилизација, радикализација и реорганизација на Македонија.
Доколку тој остане на овој став, Алијанса носи плус еден пратеник на реконструираната влада, која ќе се потпира на 65 пратеници, ако независниот пратеник Реџепи, спротивно на сопартијците од Алтернатива, остане дел од новото мнозинство.
Но, за разлика од претходното мнозинство, кое беше нестабилно поради внатрепартиските поделби и превирања во ДУИ, но и во Алтернатива, актуелното мнозинство се очекува да биде постабилно, редовно да обезбедува кворум за работа и поддршка за законските предлози.
Меѓутоа, тоа е далеку од двотретинското мнозинство во 80 пратеници, неопходно за промена на Уставот и продолжување на интеграцискиот процес, што Алијанса го наведе како една од причините за влезот во владата, покрај борбата против криминалот и корупцијата.
Влатко Стојановски