Политичарите на мака: Подобро да молчиме, оти и за најпозитивна приватна приказна, пак ќе се најдат такви кои ќе фрлаат камења!

by fokus

Приватниот живот на политичарите и новинарските приказни за нивни семејни случувања, венчавки, разводи, летувања и разни прослави, секогаш биле интересни за јавноста.

Како живеат кога не се пред говорница, како функционираат со брачниот партнер, каде одат на зимување, колку пари трошат за гардероба, како се однесуваат во кафеана… се дел од темите кои иако се приватни, сепак се најпривлечни за читателите, оти на некој начин ја откриваат и другата страна на народните избраници, како и нивните вредности во животот.

Но, во изминатиот период, голем е бројот на наши јавни функционери кои се почесто одбиваат да дадат одговор на прашање поврзано со нивниот приватен живот. За редовните анкети, за кои во име на транспарентност во минатото ветуваа дека ќе учествуваат и нема да кријат каде на пример летувале или каде ги дочекале новогодишните празници, секоја година се намалува бројот на оние кои споделиле со народот детали за своите приватни празнични аранжмани.

-Лани кажавме дека новогодишните празници ќе ги дочекаме дома, скромно, па се најдовме на мета на критики од јавноста. Секогаш има такви кои ќе најдат повод за да не нападнат, што и да изјавиме, колку и да е некоја приказна која сме ја споделиле позитивна. Затоа, подобро да си молчиме. Секој добронамерно кажан детал од нашата приватност, на крај завршува со навреди на социјалните мрежи и терање мајтап – за ,,Фокус” откриваат дел од нашите политичари.

Додаваат дека доколку имаат летување на некоја популарна туристичка дестинација, ќе бидат нападнати дека уживаат во луксуз, ако пак кажат дека ќе поминат скромно, пак ќе се најдат такви кои ќе ги обвинат за лажна скромност.

-Ниту вака, ниту така. Политичката конкуренција немилосрдно удира со навреди по социјални мрежи, децата ни се вознемируваат читајќи секакви коментари. За споделена семејна радост, раѓање на дете, роденден, било што, секогаш мора да има коментари од кои се запрашуваме од каде доаѓа злобата- велат наши соговорници.

Дури и на прашања поврзани со нивната гардероба, откако се појавиле на некој јавен настан облечени во брендирана и скапа облека, која најчесто е луксуз за обичниот граѓанин, многу од политичарите одбиле да раскажат дали се фанови на тој бренд, од каде го набавуваат и по која цена.

-Државата ни ја продаваат, а вие прашувате за моето палто – ни одговори неодамна наш актуелен политичар, откако беше забележан на настан ,,дотеран” во светски познат моден бренд.

Но, очигледно приватното е приватно, се додека така им одговара на функционерите. Се случило во многу наврати самите да се пофалат на социјалните мрежи за некој приватен настан, како на пример свршувачка, а потоа, по раскинувањето дури и да се налутат на новинарите зошто ги прашале за коментар на темата.

-Се ставаат во улогата на моден гуру, си земаат за право да го коментираат нашиот моден избор и да не навредуваат, сме биле жртви на многу исмејувања поради изгледот, а најболно е кога и нашите деца ги вмешуваат во невкусните коментари на социјални мрежи. Не е лесно, иако сме свесни дека имаме јавна професија и не може да се биде секогаш поштеден, па поради тоа полесно ни е да не нема во медиуми со приватни теми, отколку по секоја позитивна приказна да служиме како нечиј издувен вентил – раскажуваат.

Многумина пак, запрашани за некоја тема од личниот живот, се почесто прибегнуваат кон истата ,,финта”, кога наместо конкретен одговор на прашањето, започнуваат да даваат дипломатски извртени одговори, во кои ги величаат своите политички достигнувања.

Промовирање на семејни вредности и покажување на семејствата пред избори, со цел да се добијат поени од оние гласачи кои предност даваат на традиционалното и на средениот личен живот, и вртење на нова страница откако ќе се дојде на функција, е нешто кое станува редовна практика.

Поради стравот од јавни критики, дури и прашањето каде и со кого ќе ги поминат празниците, станува таму тема во земјата која се залага за европски вредности и транспарентност на секое поле.

Вики Клинчарова

Поврзани новости