Политичарите и нивните надимаци: Името кажува кој си, а прекарот каков си

by fokus
 

За разлика од името кое што го добиваме од родителите или кумовите веднаш по раѓањето, прекарите, кои што се доста чести во Македонија, си доаѓаат со однесувањето, изгледот, некоја случка од животот, потеклото, професијата, и неретко за нив се вели дека најдобро го опишуваат човекот.

,,Фокус“ направи истражување за прекарите на нашите градоначалници и познати политичари, и заклучивме дека голем е бројот на интересни прекари кои се вртат на нашата политичка сцена, а има и такви кои што политичарите сакаат да си ги скријат од јавноста, но сепак им се добро познати на нивните сограѓани. Иако ретко се спомнуваат во јавност, сепак нивните прекари редовно се ,,вртат“, во чаршиските муабети, на социјалните мрежи…

 drugite-napishaa-i-kazhaa-za-ilcho-zahariev-

На пример, градоначалникот на Штип, Илчо Захариев е познат помеѓу штипјани и како Илчо Загорецот, поради тоа што потекнувал од селото Загор.

Неготинскиот градоначалник Ванчо Апостолов уште е познат и како Ванчо Џенти, а како што раскажуваат неготинчани, прекарот го добил по своевремено популарниот италијански фудбалер Џентиле, уште пред триесет години.

1

За разлика од него, градоначалникот од Демир Капија, Трајче Димитриев има не толку спектакуларен прекар, и уште од млади години демиркапијци го викаат Трајчо Апашот. Не знаеме од каде потекнува неговиот прекар, но и прекарот на кавадаречкиот градоначалник Александар Панов не е ништо подобар и помеѓу кавадарчани тој е познат и како Александар, Овцата.

Дознаваме дека не станува збор за наследен прекар од некој од семејството, бидејќи неговиот татко и чичковците биле познати под прекарот Кокошката. За прекарот на Панов има и една анегдота помеѓу кавадарчани, кога пред неколку години Никола Груевски бил во посета на Кавадарци. Помеѓу присутните бил и кавадарчанец познат како Мито Пиџамата. Сакајќи да се пошегуваат со извесниот Мито, кој многу се лутел кога го викале на прекар, кавадарчани му рекле на Груевски да го праша од каде му е прекарот Пиџамата. Овој, кога го слушнал прашањето, пред сите му одговорил:

,,Остави ме мене, туку еве прашај го градоначалникот зошто го викаат Овца“.

Инаку, во Тиквешијата, речиси и да нема човек кој нема прекар.

 Jankuloska i Grujo

Кога сме кај Груевски, освен што често го нарекуваат Грујо, тој во младите години бил познат и како Чарли. Не знаеме од каде му дошол тој прекар, но во последниве години често е нарекуван и Ж, поради печатарска грешка во еден дневен весник, каде што цитирајќи ги популарните твитови за Груевски, наместо ,,Нруевски,, било напишано ,,Жгруевски“,.

ivanovsagsgagsagsa2

Претседателот Ѓорге Иванов има дури два прекари. Хорхе и Фикус се имињата со кои што го нарекуваат најчесто на социјалните мрежи, но и во многу новинарски текстови.
 

Еден од поинтересните прекари е оној на кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски. Тој е познат помеѓу кумановчани како Циц, а многумина велат дека го добил прекарот поради својата професија – гинеколог.

 

thumbnail_ivan-f1

Гевгелискиот градоначалник Иван Франгов гевгеличани го викаат Бишето, додека пак охридскиот Никола Бакарачески е познат и како Нико Бакрач.

thumbnail_nikola-b1
 

Владимир Талески од Битола, е познат и како Владимир Двојче, поради улогата на Двојче во популарната детска серија, а во последно време, по случајот ,,Транспортер,, често го нарекуваат и Крадоначалник.

Марјан Ристески, градоначалникот од Прилеп вели дека сите го викаат Мацко, а доколку има и некој друг прекар, и самиот не си го знаел, бидејќи досега сите му се обраќале само со Марјан Мацко.

thumbnail_amdi-b1
Амди Бајрам е познат како Амди Кока Кола поради своите хумористични споредби со познатиот бренд на пијалоци, Владимир Пешевски како Хипо, Љубе Бошкоски како Брат Љубе, Љубомир Фрчкоски како Фрчко… 
slavco
Велешкиот градоначалник Славчо Чадиев бил познат како Чади, додека пак Ромите и Турците од милост го викале Чади Баба, како еден вид нивни татко. Тој вели дека презимето и прекарот се во неговата фамилија со векови наназад и е многу горд на нив.
 
Поголемиот дел од политичарите, не откриваат како ги добиле своите прекари, и дури и не дозволуваат луѓето да им се обраќаат со нив, бидејќи ги сметаат за несоодветни и исмејувачки. Но колку и да не си го сакаат прекарот, не напразно се вели дека штом еднаш го добиеш, цел живот ќе си го носиш, дури и само да ти го шепотат зад грб.
 
 Вики Клинчарова

Поврзани новости