Рок музичарот Аки Рахимовски беше погребан денес, на Алејата на заслужни граѓани во Загреб.
Поради ковид мерките, уште пред два дена од неговиот бенд ,,Парни ваљак” соопштија дека на погребот ќе присуствуваат само семејството и најблиските пријатели.
Неговиот ковчег беше покриен со македонско знаме и цвеќе, а последно збогум му кажаа ќерката Едина, синот Кристијан, блиски роднини и колеги, помеѓу кои членовите на неговиот бенд, Нина Бадриќ, Џибони, Никша Братош и други.
На неговото последно испраќање се приклучија и над 150 регионални радио станици, кои точно во 15 часот ја емитуваа неговата последна песна ,,Поново”.
Рахимовски, роден во Ниш, детството и младоста ги поминал во Македонија пред да се пресели во Хрватска, никогаш не криеше дека Македонија секогаш ќе биде неговата татковина.
Тој почина во саботата на 67-годишна возраст, а вчера и во Скопје беше отворена книга на жалост, како и се одржа концерт во негова чест.
Вики Клинчарова