Веќе пет дена во јавноста е актуелна темата за хемофилтрацијата, метод кој беше промовиран од страна на доктор Жан Митрев како еден од најдобрите методи за спасување на човечки животи на пациенти, кои водат битка со опасниот ковид 19, истражување што го објави ИРЛ.
Докторот Митрев наголемо се промовираше со овој метод по сите медиуми и токму поради таа огромна медиумска кампања што ја водеше, кај него веќе трета година по ред пациентите се лекуваа на овој начин за кој се бараа суми на пари од 3.000 до 5.000 евра и тоа само за една хемофилтрација на крвта. Меѓутоа, за еден пациент понекогаш беа потребни и по неколку вакви методи.
Од тука се навраќаме на првите неколку месеци кога „букна“ ковид пандемијата и кога цел свет беше во хаос, не знаејќи како да се справат со опасниот вирус. Враќајќи се две години наназад и листајќи ги соопштенијата исполнети со пофални зборови на сите приватни болници, меѓу кои и „Аџибадем Систина“, можеме да забележиме дека овој истиот метод на почетокот на пандемијата наголемо бил промовиран и кај нив.
Дури, на нивната официјална страница на болницата може да се најдат еден куп соопштенија на оваа тема, особено кога од Градската болница „8 септември“ на работа во „Систина преминува инфектологот Патриција Каламарас. Во едно од соопштението е наведена огромната благодарност, која пациент спасен од ковид ја има спрема целиот тим на доктори и дека методот на хемофилтрација му го спасил животот.
„На одделот бев хоспитализиран 8 дена и си заминав дома сосема здрав. Можам само да ѝ упатам длабок наклон на докторката и да кажам дека таа е заслужна што денес сум жив“, раскажува Раде.
Пациентот бил поставен на кислородна терапија, интравенски примал течност и комбиниран антибиотски третман, кортико и антикоагулантна терапија. Исто така бил третиран и со хемофилтрација. Инфектологот д-р Патриција Каламарас потенцираше дека кај пациентот се развила и цитокинска бура и дека поради тоа бил третиран со терапија исклучиво наменета за таква состојба“, вели 58-годишниот пациент Раде Симеоновски.
Но, тука не завршуваат пофалбите за методот хемофилтрација. Па така, и самиот Јордан Камчев во едно од интервјуата поставени на официјалната страница на „Аџибадем Систина“ покрај сите пофалби кои ги упатува на нивна адреса, за се што направиле за пациентите заразени со ковид, какви тестови набавиле, колку се брзи, какви методи на лекување вовеле и тој го споменува методот хемофилтрација. Интервјуто е објавено на 30 декември, 2020 година:
„Отворивме и инфективен оддел на кој со врвен тим на инфектолози и останат медицински персонал понудивме најсовремени методи при грижата за пациенти заразени со вирусот.
Технологијата и опремата заедно со практиките кои се применуваа единствено во „Аџибадем Систина“ како што е ЕКМО методата или методот на хемофилтрација придонесоа за позитивен исход и најголем број на успешно излекувани пациенти“, објаснува Камчев во интервјуто.
Но, наеднаш по толку фалење, во Систина прекинаа да го изведуваат методот на хемофилтрација, за што излегоа и со посебно соопштение до јавноста. Во него, тие индиректно наведуваат друга болница која го користела методот, а со еден клик на нивната страна може да се забележи дека и тие претходно се фалат со пациенти излекувани со хемофилтрација. Сопштението излегува на 30 јули, 2020 година, а самиот Камчев неколку месеци подоцна, дури во декември истата година се фали со оваа метода на лекување.
„ Досега, во светски рамки не постои препорачан концепт на лекување на пациентите со ковид-19 кој го вклучува методот на хемофилтрација. По темелни истражувања на оваа тема не наидовме на ниту едно експертско, стручно мислење или доказ дека лекувањето со хемофилтрација е препорачан или ефикасен метод за општа употреба, а уште помалку дека истиот е медицински докажан и оправдан.
Побаравме и стручно мислење од моментално најрелевантната институција и стручниот тим на Клиниката за инфективни болести и добивме одговор дека нашите сознанија кореспондираат со мислењето на стручниот тим на инфектолози – се работи за третман кој нема никаква научна подлога во лекувањето на ковид-19“, се наведува во соопштеното од Аџибадем Систина, кое не може да се најде на нивната официјална страна, туку на дел од медиумите, кои веќе го пренеле.
Како што претходно веќе објави „Фокус“, со отворањето на инфективниот дел во оваа приватна болница, дел од инфектолозите го напуштија јавното здравство и заминаа да работат таму.
Ирена Мулачка