Утре со почеток од 17.00 часот на Градскиот стадион во Кавадарци ќе се одигра бараж фудбалскиот натпревар за пополнување на Првата лига помеѓу екипите на ФК Вардар од Скопје и ФК Скопје од Скопје.
Од МВР информираат дека преку СВР Велес и ОВР Кавадарци деновиве ги преземаат сите неопходни мерки за обезбедување на јавниот ред и мир при одигрување на фудбалскиот натпревар, и по одигрување на мечот.
-Упатуваме апел до сите оние кои ќе бидат присутни на Градскиот стадион во Кавадарци за воздржаност од неспортско навивање, од користење на пиротехнички средства, неспортски транспаренти, користење на ласери, насилно однесување и фрлање на предмети на теренот, затоа што тоа ќе биде најостро санкционирано.
Укажуваме дека само со фер, спортско и коректно навивање покажувате почит кон вашиот тим, почит кон противникот, почит кон фудбалот како спорт.
Поради најавеното присуство на голем број навивачи на фудбалските клубови и нивни поддржувачи од земјата, за време на нивното движење ќе се преземаат мерки за физичко регулирање и пренасочување на сообраќајот, па оттаму упатуваме апел и до сите останати граѓани, учесници во сообраќајот, да ги почитуваат правилата и прописите, да се однесуваат совесно и хумано, грижејќи се за сопствената и за безбедноста на останатите учесници во сообраќајот, како и да ги паркираат возилата на дозволените паркинзи- истакнаа од СВР Велес.
Вики Клинчарова