Во услови кога се гази по нас од сите страни, а Комората да не сака ниту да бекне, е јасен знак дека се игра по ноти! И така 3.500 адвокати ќе треба да си ставиме клуч на врата, без трошка солидарност од сродните професии
Јанаки МИТРОВСКИ
Државната администрација да работи од дома, судовите да работат онлајн. Тоа се долгоочекуваните предлог мерки на Комисијата за заразни болести до Владата, кои презумираме дека ќе бидат усвоени на владина седница. Браво генијалци, искрено ви се дивам!!!
Администрацијата и онака се преработува, па, еве, сега онлајн ќе им дојде како одмор. Добро, има ли пилот во авионот? Кој ги смислува меркиве и да ли истиот живее во Македонија? Очигледно не! Онлајн судења е експеримент кој не смее да пушти корен затоа што се коси со неколку начела. Начелото на јавност подразбира присуство(физичко) на буквално кој сака граѓанин од улица да отиде и да го следи судењето, со строго определени законски услови кога јавноста може да се исклучи.
ОНЛАЈН СУДЕЊЕ
Како го замислуваат онлајн судењето би сакал да чујам? Како ќе се запази начелото на јавност? Граѓаните ќе се закачуваат на платформата? Патем, повреда на ова начело претставува суштествена повреда на одредбите на постапката и подразбира задолжително укинување на пресудата.
Како ќе се обезбеди контрадикторноста на постапката? Како јас како адвокат ќе испрашувам сведок? Онлајн, со можност истиот да има десет суфлери? Да може да чита? Како ќе се врши соочување на контрадикторни сведоци? Ќе влезат во посебна онлајн соба и ќе се погледаат?
Како вештак ќе ни презентира вешт наод и мислење? Ќе црта на паинт? Дополнително е проблем што онлајн судењата ќе можат сосема лесно да се опструираат? Ако сакам да одложам предмет, едноставно, ми падна интернетот. И ред други потенцијални проблеми на кои очигледно не се мислело.
Овие мерки, доколку се усвојат, за македонската адвокатура ќе значат погром. Сите средства кои ми беа акумулирани ми ги изеде претходниот карантин. Иако три месеци не работевме, не скратив ни денар на вработените затоа што ги ценам, и за разлика од многу работодавачи не сметам дека им правам услуга со тоа што пуштам плата, туку разбирам дека имаме однос на обострана бенефиција.
Доколку повторно се доведеме до состојба на карантитн или ваков полукарантин, едноставно ќе бидам принуден да ги испуштам вработените од работа со тешко срце и да се снаоѓа кој како знае и умее.
КОЛЕГИ НА ДРЖАВНИ ЦИЦКИ
Ништо од овие замерки нема да ги чуете од Адвокатската комора. Токму затоа и адвокатурата е на ДНО и е професија која одамна не е ценета. Последен вистински претседател е колегата Десковски во далечните деведесети. Од тогаш ја имавме таа несреќа да не води дузина години човек кој беше тотално незаинтересиран, па два мандата за ред да не водат партиски адвокати.
Да бидам јасен, немам никаков проблем со нивниот ангажман или блискост, inter alia тоа е и нивно политичко право. Но во услови кога се гази по нас од сите страни, а Комората да не сака ниту да бекне, е јасен знак дека се игра по ноти! А нотите сигурно не ги свирам јас. И така три илјади и петстотини адвокати ќе треба да си ставиме клуч на врата, без трошка солидарност од сродните професии. Лесно е да си “корона свесен” кога си на буџет!
А сите наши колеги, неколкумина на број кои се советници по премиери, министри и кабинети можат малку и да помислат на колегите кои ја немале таа среќа во животот да бидат закачени на десет државни цицки! За крај апелирам кај здравствените власти да не ги бараат кластерите мегу адвокатите туку кај своите членови кои прават свадби за триста луѓе и кај своите партиски пулени- газди на кафулиња кои за цела пандемија не почитуваа протоколи. Арам!