На официјалниот Јутјуб канал на Евровизија денес во 15 часот беше промовиран видео записот за песната „Circles“ на Андреа, со која ќе ја претставува Македонија на Евровизија 2022 во Италија.
Спотот е во продукција на Македонската Радио Телевизија, изработен под режисерската палка на Горан Цветковиќ, кој исто така се потпишува и на видео монтажата. Зад камерата работеше Сашо Доковски, додека пак светлото го работеше Сашко Стојановски.
За шминката била ангажирана Александра Азманова, за фризурата Даниел Николовски, а за стајлингот Цаци Паковска.
-Јас сум искрено презадоволна. Работевме посветено и со овој спот мислам дека покажавме дека не секогаш финансиите се пресудни, за да се испорача квалитетен продукт. Спотот е работен со многу ентузијазам во мошне краток временски период, што го направи искуството уште повозбудливо – порача Андреа.
Како што информираат од МРТ, спотот бил снимен на повеќе локации, помеѓу кои и Македонска пошта, Македонски железници и Студентскиот дом Гоце Делчев.
Вики Клинчарова