Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ќе разговара во Париз со европските лидери за безбедносни гаранции за Европа по нејзината источна граница, изјави советникот во Кабинетот на претседателот на Украина, Михаило Подољак.
Како што изјави, Зеленски ќе разговара за таканаречената „синхронизација на часовниците“ со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, германскиот канцелар Фридрих Мерц и премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, за време на интензивните дискусии за безбедносни гаранции за Украина.
„Во тек се два паралелни процеси. Првиот е ситуационен обид за запирање на војната, во кој главната улога ја играат Соединетите Американски Држави и самиот Доналд Трамп. Вториот е изградбата на повоената архитектура на Европа“, напиша Подољак во објава на социјалната мрежа X.
Според него, Европа ги знае своите слабости – Европејците немаат оружје и не можат да воведат ефикасни санкции врз Индија и Кина без САД.
„Но, Европската Унија ја презеде задачата за воено ограничување на Русија, врз основа на Вооружените сили на Украина, украинските ракетни и беспилотни технологии и евентуалното учество на европскиот контингент“, истакна Подољак.
Како што оцени, Украина игра активна модераторска улога во овие процеси и постојаната секојдневна комуникација со партнерите е насочена кон обезбедување глобална и континентална безбедност.