Наместо замрзнување на цените, треба да се обезбедат подобро платени работни места, да се зголеми конкуренцијата во малопродажниот сектор и да се произведува повеќе храна дома, отколку што се увезува, се препораките на Светска банка.
Замрзнувањето на цените на храната, според експертите од Светска банка, се краткорочна, а не структурна мерка која може да се користи на долг рок.
„ Со неа само привремено, вештачки, одржувате некое ценовно ниво кое не ги отсликува реалните производни трошоци и реалните текови во економијата“ објаснуваат тие.
-И покрај тоа замрзнувањето на цените помогна да се одржи животниот стандард на населението во Северна Македонија, особено при поинтензивните поскапувања, тоа не е мерка која може да се користи на долг рок. Во тој случај би требало да преминете на некои структурни мерки кои би можеле да го подобрат стандардот. Една од тие е обезбедување поквалитетни и повисоко платени работни места, рече економистот Јоана Маџоска, на редовниот Економски извештај за Западен Балкан.