Кои се потенцијалните први дами и прв господин на Македонија?

by Fokus

Македонија се подготвува за седмите по ред претседателски избори, кои се најавени за на 24-ти април, прв круг, а пак вториот круг е на осми мај. Од вкупно седум кандидати, граѓаните ќе имаат можност да изберат претседател, со мандат од пет години.

Со доделувањето на функцијата претседател на држава, доаѓа и титулата наменета за животниот сопатник на претседателот, за припадничките на понежниот пол Прва дама (First lady), а пак Прв господин (First gentleman) за припадниците на посилниот пол.

Македонија досега имала пет први дами. Титулата прва ја носеше Нада Глигорова, сопругата на поранешниот претседател Киро Глигоров, потоа Вилма Трајковска, сопруга на починатиот претседател Борис Трајковски, па Јасна Црвенковска, сопруга на Бранко Црвенковски, Маја Иванова, сопруга на Ѓорге Иванов, и моментално актуелната Прва дама Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на актуелниот претседател Стево Пендаровски.

На претстојните претседателски избори, кандидати се Стево Пендаровски, Гордана Силјановска-Давкова, Стевчо Јакимовски, Бујар Османи, Билјана Ванковска, Арбен Таравари и Максим Димитриевски, со што нивните животни сопатници стануваат потенцијални носители на титулата Прва дама, односно Прв господин на Македонија. Иако се работи за титула за без официјална функција, сепак одговорноста е голема, посебно при појавување на државни церемонии, посети на високи државници, каде се наоѓаат во улогата на придружба на својот сопатник.

На некој начин, од нив се очекува да ја претстават земјата достоинствено и со стил, да бидат запамтени, но и да остават свој белег, бидејќи се почеста практика е модните критичари да ги ставаат под лупа.

За актуелната и потенцијална Прва дама, Елизабета Ѓоргиевска, која е сопруга на Стево Пендаровски, во изминатите години јавноста сведочеше на нејзиниот изграден моден стил, елеганцијата, како и пораката за еден вид на дипломатска умешност изразена преку модниот избор.

По професија таа е лекар, редовен професор на Стоматолошкиот факултет во Скопје, како и раководител на Катедрата за детска и превентивна стоматологија. Исто така, Првата дама е магистер и специјалист по педијатриска и превентивна стоматологија од 2002 година, а од 2006 година е доктор на науки. Со сопругот го имаат синот Огнен.

Кандидатката Гордана Силјановска-Давкова пак, повеќе од три децении е во брак со Благоја, кој е правник во пензија. Имаат две возрасни деца, ќерката Марија и синот Павле, кои исто така се правници.

Во постаро интервју за ,,Фокус” Давкова откри дека со Благоја се заедно од трета година гимназија, и како правници, за време на студиите меѓусебно се натпреварувале. Кажа дека дел од нивното семејство се и кучето и мачето, кои за неа имале голема терапевтска моќ. Нејзиниот сопруг ретко се појавува во јавност.

Животна сопатничка на кандидатот Стевчо Јакимовски е Елизабета Јакимовска. Заедно се од 2011 година, и таа 39 години работи во приватниот сектор, како сопственичка на фирмата СИТИ Конвертер. И двајцата важат за големи љубители на животни и откриваат дека имаат повеќе домашни миленици, и тоа мачорот Мрњо и две кучињата, Аки од расата Акита Ину и Бени, шестмесечен бернски овчар, на кои им посветувале многу љубов и внимание.

Јакимовски има две деца од првиот брак, синовите Гоце и Дамјан кои се возрасни личности.

Кандидатот Бујар Османи е во брак со Валбона, која е дипломиран политиколог и важи за една од најубавите жени на политичари кај нас. Во јануари годинава го добија своето трето дете, синот Луан, а родители се и на Елиза и Мали.

Во повеќе интервјуа имаат раскажано дека им се случила љубов на прв поглед, а се венчаа пред околу 12 години, по една година врска. Во тој период Бујар беше портпарол на ДУИ и работеше како доктор на Клиниката за дигестивна хирургија.

Кандидатката за претседателка Билјана Ванковска пак, нема брачен сопатник. За ,,Фокус” вели дека официјално, таа е разведена жена, мајка на три возрасни ќерки, која има емотивен партнер, и живее како еманципирана жена.

-Го разбирам интересот на јавноста за приватниот живот, бидејќи сепак се работи за претседателски избори. На изборите јас настапувам како Билјана Ванковска, еманиципирана жена, мајка на три ќерки, разведена. Имам емотивен партнер, но официјално, немам брачен партнер, вели професорката, што значи дека доколу таа биде избрана за претседателка на држвата, Македонија официјално ќе нема Прв господин.

Кандидатот Арбен Таравари е во брак со Нора, со која имаат две деца, синовите Астрити и Арби. Во минатото има изјавено дека Нора е најдобриот избор кој го направил во животот, бидејќи секогаш верувала во него и го поддржувала повеќе од било кого.

Кандидатот Максим Димитриевски пак, повеќе од 20 години е во брак со Надица, со која имаат три деца, Милан, Вероника и Димитар.

Таа работи како наставничка, и има изјавено дека откако Максим станал градоначалник, животот им станал подинамичен, но со добра организација успевале да се справат со сите предизвици. Членувала во повеќе организации од невладиниот сектор, а исто така и волонтирала во хуманитарни здруженија.

Инаку, називот Прва дама, односно Прв господин, потекнува од периодот на американската револуција, кога сопругата на Џорџ Вашингтон несебично ги негувала војниците, па тие од милост ја завикале Првата дама, во смисла најважната дама.
Иако се работи за церемонијална улога, сепак од Првата дама, односно од Првиот господин се очекува познавање од протоколи, учество во официјални посети, хуманитарна работа, организирање на настани од јавен интерес, како и поддршка на хуманитарни организации.

Присуството на Првата дама или Првиот господин, најчесто го истакнуваат и имиџот на претседателот, односно претседателката на државата, со што се става акцентот на почитувањето на семејните вредности.

Вики Клинчарова

Поврзани новости