Пишува: Д-р Наташа Сарџоска, социјален антрополог, Институт за антропологија и етнологија, ПМФ, УКИМ
Според францускиот социолог Бруно Латур ние не сме повеќе во можност да одговориме на прашањето што значи заменката „ние“. Имено, тој прашува: „дали постои единство во заедничкиот свет и дали ние всушност можеме да живееме заедно?“ Ова прашање, иако поставено одамна, токму денеска се чини повеќе од ургентно и критично, затоа што покренува низа проблеми околу тоа кои сме ние и што правиме ние сега во светската здравствена и економска криза, којашто ни наметна граници, слоеви и ограничувања токму меѓу „ние“ и „другите“. Тие меѓусебни граници го доведоа човештвото во неизвесна и несигурна состојба на самоегзистирање и самодоволно биолошко функционирање лишено од социјално заедништво и соживот: состојба во која колективното како да се измолкна зад примордијалните или индивидуалните интереси.
Францускиот географ и професор на Универзитетот во Гренобл, Ан-Лор Амилхат Шари наведува дека токму оние луѓе кои егзистираат зад новите граници, поточно „ограничените“, „затворените“ или „изолираните“, сега придонесуваат најмногу за еколошката свесност и дека излезот од изолацијата нема да се совпадне со отворањето на границите, туку со новото воспоставување на социјални врски и односи. Според неа, „истенчената анализа на територијалните нееднаквости во мобилниот свет, кои ја произведоа кризата на Covid-19, претставува следна суштинска етапа за поставување на цврсти основи на една социјална правда за да се осмисли и замисли она што ќе дојде ‘потоа’“.
Насекаде се нагласува дека вирусот не познава граници и дека сите се еднакво изложени на ризикот од него, дека тој не познава ни етничка ниту верска ниту имотна и класна припадност, а ниту пак дека запира пред културните, социјални или економски мрежи. Неговата амбиција е да ги сруши токму тие ѕидови и граници, кои, и покрај глобализацијата, сепак успешно се кренаа на многу места во светот. Но, тој во суштина – парадоксално – ни наметна нови граници, внесе ѕидови и блокади во нашето живеење и делување, нѐ оддалечи, нѐ раздели, не ограничи. Со брзина на светлината се прошири, преобразувајќи ги сите ткива на општествата и онезвоможувајќи каква било ефикасна и времена меѓународна реакција на одговор. Иако неолиберализмот секојдневно се дестабилизира и упатува на теории за нов глобален поредок, иако постојано светските влади позјамуваат пари од ММФ и други меѓународни финансиски институции, сепак справувањето со оваа светска психоза не бележи импулси на креативност, иновација и конструктивност. А потребни се глобални матрици на солидараност, не празни реторики. Од Нигерија до Аргентина од Естонија до Австралија сите споделуваме иста судбина, која е меѓузависна и поврзана, па оттаму нужно е да се освежи нашиот хуманизам за нашите влади да разберат дека сите заедници на луѓе во светот се поврзани во една иста човечка состојба и дека се потребни иновативни решенија.
Но, дали навистина вирусот не познава никакви граници? Дали навистина сите се подеднакво изложени на ризик? Дали се сите еднакви пред него? Вирусот ја има таа моќ да активира изолација и забрана на движење за луѓе, да затвори гранични премини и аеродроми, да затвори во карантини секакви граѓани независно од нивната социо-економска положба и да патува непречено преку човекот. Тој дури сака да ја покаже својата моќ и во оние вжештени места, односно гранични премини, каде што патуваат привилегираните класи, политичките елити, потрошувачките заедници. Се чини дека вирусот е гладен и сака да се вметне во хиерархиите и да ги разруши нивните меѓузависности. Се чини како да ги следи и загрозува токму истите творци на потрошувачката плодна еуфорија. Иако, со себе влече феномени на теории на заговор и лажни вести, тој е реален и моќен и така се извишува над светот и своеглаво ја води светската политика и економија.
Но, дали единствените затворени граници се оние националните, политичките, географските? Во оваа дистопија гледаме дека, од една страна, оние што имаа можност за удобен живот и да патуваат вон границите, тие не го чувствуваат товарот на изолацијата, а од друга страна пак, оние што живеат во скромни услови, а во големи семејни заедници, тие го чуствуваат трауматичнио товарот на ограничено движење. Доколку првите водат професионален живот преку Интернет и имаат можност да се осамостојат во повеќе соби од своите големи домови, оние другите се изложени на семејни притисоци, немаштија и насилство. При првото ослободување од т.н. „полициски час“, првите можеби времето го минуваат во своите широки дворови, а вторите избезумено трчаат кон кејовите или парковите за малку сонце и зеленило, и покрај големата концентрација на луѓе и густа посетеност, кои речеси небрежно, неминовно или несвесно се соочуваат со видливата невидливост на вирусот. Со други зборови, не се сите еднакви пред вирусот. Иако заедничката состојба за сите општествени слоеви е недостапност на низа услуги од сферата на добросостојба, убавина, спорт, рекреација до сферата на духовен развој, култура, уметност, театар, музеи и сл, сепак за некои извесни услуги се повеќе достапни отколку за други.
Јасно е дека првата лекција што ја научивме од оваа светска пандемија е дека еден невидлив вирус создаде видлив колосален пораз на неолиберализмот и капитализмот. Оваа лекција до сега, особено после епидемијата SARS од 2003, не беше сериозно согледана: доколку беше, светот ќе беше подготвен да се соочи и со епидемијата на COVID-19, особено земајќи ги предвид ресурсите на богатите фармацевтски индустрии.
Владите мудро го следат и анализираат проблемот, но, не и решението.
Во состојба на немоќ и безилез, меѓу ретките земји што покажаа интернационализам и солидарност беше Куба, и покрај економските притисоци од САД, како и од некои земји на ЕУ, Кина и др. Солидарноста на меѓународно ниво, сплотена со херојство, прогрес и етика, особено се покажа кај болничкиот сектор: здравствените работници, и покрај нестабилните и несигурни договори и ниски приходи, на извонредно ниво покажаа спремност да се борат со смртоносната зараза ризична по нивното здравје за да спасат животи.
И покрај френетичното следење на наплив од информации, луѓето се навикнаа да живеат во несигурност односно во сојуз со ограничености од секаков вид. Пред сѐ, неизвесноста околу тоа кога ќе завршат вонредните состојби и кога ќе се врати нормалната циркулација и движење. Медицината сѐ уште нема точни одговори околу последиците од овој вирус. Во ваква неодреденост и неможност да се предвиди блиската иднина, се појавуваат уште многу неодговорени прашања. Историјата на науката е непрекинат дисконтинуиран процес; таа не може да биде догматична и да ги игнорира современите епистемологии. Оваа криза ни докажува колку науката е комплексна и човечка, затоа што почива на размени на идеи. Поради кризите од ваков вид, можеме да ја препознаеме човечката несигурност како главно сврзно ткиво на човечката егзистенција.
Во кризата со COVID-19 немаме никаква сигурност околу потеклото на вирусот, неговите појавни форми, неговото ниво на штетност, типологијата на населенија кај кои најмногу се размножува и оние кај кои помалку се шири (примерот со Африка беше наведен, но таму средниот животен век е 35 години), околу последиците на оваа епидемија на повеќе рамништа од здравствени и човечки до општествени и економски.
Од сето ова се наметнува неможноста за реални културни и социјални размени и прифаќањето на сите неизвесности како неминовност. Дел сме од една глобализирана култура во која од човекот се бара да живее со сигурност, со прецизност, со предвидливост, па макар и кога постои јасна свест дека утрешнината е непредвидлива, минлива, мамлива, та дури и непромислена. Но, модалитетот со којшто овој вирус дојде кај нас, со неочекувана брзина, со масовен наплив на миграции, со несовесно непочитување на мерките за заштита, со неконтролирано ширење, нѐ увери дека, всушност, напротив, ние и немаме никаква сигурност и дека сме живееле во илузорна сигурност. Несигурноста е всаден и вграден елемент на нашата човечка состојба. Оваа новонастаната состојба нужно ни ја наметнува потребата од решенија ad hoc, латерална интелигенција, прилагодувања, откажувања.
Дури ни најмоќните здравствени системи и осигурувања не може да бидат сигурни дека му гарантираат на човекот дека нема да се разболи од ваквиот невидлив вирус. Нашите општества до сега нѐ преплавувале со потреба од сигурност: успех на студии, компетентни плати, напредок во кариерата, материјални предвизици, доживотни осигурувања, кредити за имот поголем од оној што реално може да се дозволи, работни договори на неодредено време, долгорочни студии и планирање на иднината, но, сепак и покрај тоа множество на сигурности, сега пливаме во океан од несигурности, кајшто тие микро-сигурности биле само островчиња или гребени или гранки на кои попатно сме запирале за починка или за земање здив или за нов видик. Сега многумина се без никаков видик ниту починка, а сѐ повеќе се зголемува бројот и на оние кои остануваат буквално без здив.
Кога сме веќе кај морињата, островите, шумите, гребените, не е за занемарување и податокот дека човекот се однесуваше низ изминативе гдини со дрска вообразеност кон биосферата и арогантно беше вдаден во нејзината деградација за личен профит. Во таа состојба на надменост и краткогледост треба да се очекува и неочекуваното како оваа пандемија.
Уште од 2000 година започна планетарната ера во која глобализацијата стана немилосрден процес што предизвика поголеми катастрофи одошто добробит за човештвото. Светот стана достапен и прегледен за многумина, но, и се смалуваше, станувајќи недостапен и непрегледен за многумина други, кои ја немаа можноста да учествуваат во или да одлучуваат за него. Сега се чини дека, и покрај глобализациските процеси, светот е подеднакв мал, недостапен, непрегледен и непријателски за сите и дека ретко кој може да одлучува за или да учествува во него. На тоа се надоврзува и неконтролираниот технолошки подем како и обопштената неолиберална политика како предлошка за она што може да следи и да биде уште повеќе поразително.
Многумина од нас живееле, пред изолацијата, динамичен живот со бројни патувања и професионални предизвици. Оттаму, оваа лишеност од тој живот е прилика да размислиме околу она што ни е навистина потребно, а што ни е излишно. Можеби е дојдена оваа кризна состојба за да се ослободиме и прочистиме од лажните вредности, од индустриската потрошувачка култура и нејзината порочност и краткорочност и да се свртиме кон духовните и витални врски со светот и со самите себеси. Во овие изминати месеци човечкото суштество беше сведено на неговата основна и сушта егзистенција и лишено од големите лични и професионални предизвици. Човекот, впрочем, сега како да не живее, како само да егзистира, или – уште полошо – како само биолошки да функционира. Затоа оваа криза е тегобна и страшна, зашто ни ја покажа суровата опачина на нашето постоење. Ни покажа дека прекинот на живот и нарушениот животен тек ќе нѐ принудат да се свртиме кон човечките познанија и вистини на кои долго време не сме им давале ниту место ниту глас во нашето постоење. Преку сочувствувањето со светската болка, повикани сме да ја тргнеме фасадата од себеси и да научиме да ја прифатиме несигурноста како поднослива форма на постоење, за да опстанеме во новата човечка состојба што ќе настапи после сето ова. Иако, и тоа неизвесно е кога!