Поднесено обвинение против Стојменов

by Fokus

Скопското обвинителство поднесе обвинение против бизнисменот и поранешен министер за финансии, Борис Стојменов и правното лице „Економско биро“ за градење на диво кај хотелот ТЦЦ „Плаза“ или поранешно „Беко“.

Според обвинителството, Стојменов, почнувајќи од 2018 година, без правосилно одобрение за градење издадено од надлежен орган, во име и за сметка на правното лице како инвеститор градел деловен објект на сопствено земјиште на улицата „Даме Груев“, општина Центар.

– За предметните две катастарски парцели, обвинетиот во 2016-та година добил Одобрение за градење, кое се однесува на доградба и надградба на тогаш постоечкиот објект Стоковна куќа Беко Скопје со ширина од 28,5 м и должина од 42,5 м. Со стручно мислење за неисполнување на карактеристиките за носивост на доградбата и надградбата, во 2018 година тој обезбедил Одобрение од Општина Центар за отстранување на постоечкиот деловен објект. Откако го урнал објектот, без да добие ново одобрение за градење, на лице место започнал и градел нов објект со димензии од 61 м х 34,5 м. Од градбата со нови димензии, која била проектирана како Деловен објект со намена Б-5 хотелски комплекси од 2-ра категорија на градби, без соодветно одобрение биле изградени две подземни нивоа, информираат од ЈО.

За изградбата на хотелот имаше „судир“ меѓу поранешниот градоначалник на општина Центар, Саша Богданович и Стојменов.

Богдановиќ беше категоричен дека инвеститорот нема дозвола за градба и против него има поднесено и кривична пријава до Јавното обвинителство.

Стојменов тврдеше дека тој има градежна дозвола, а Богдановиќ се обидува да му ја земе.

–Како може некој да гради без дозвола. Па ако градам без дозвола ќе завршам во затвор. Ние имаме одобрение за градба уште во 2016 година, кога градоначалник на општина Центар беше Андреј Жерновски, но сега се обидуваат да ни ја земат, а платени се комуналии и се. Се им е поништено од повисоки институции, од Управен суд. Сакаат да ми го земат одобрението, тоа е вистината. Јас имам дозвола и тоа може да го докажам со документи, ни изјави Стојменов.

Според тврдењата на Богдановиќ, во 2016 година Стојменов добива дозвола за градба и надградба, но бидејќи темелите не можеле да ја издржат надградбата се урива целиот објект за да може да почне одново надградбата.

Но, за да може да гради нов објект од темел, од Општина Центар тврдат дека треба да добие нова дозвола за градба, која не беше издадена бидејќи општината воведе мораториум за градба. Во текот на сите овие години неколку пати беа прекинувани градежните работи, кои потоа пак продолжуваа.

Поврзани новости