ТЦЦ „Плаза“ пак се гради, Богдановиќ и Стојменов во „клинч“ – има или нема дозвола за градба?

by fokus

Хотелот ТЦЦ „Плаза“ продолжува да се гради и во предизборниот период, а спорот за неизградениот објект којшто е сместен во центарот на Скопје всушност е спор меѓу општина Центар и инвеститорот што го гради хотелот, поранешниот министер за финансии, Борис Стојменов.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ е категоричен дека инвеститорот нема дозвола за градба и против него има поднесено и кривична пријава до Јавното обвинителство.

Јана Белчева- Андреевска која ќе ја предводи листата на независната граѓанска иницијатива „Шанса за Центар“ на локалните избори во октомври, пред неколку дена сподели видео на кое се гледа објектот на којшто темелите се веќе поставени, столбовите се полнеле со бетон, а багери работат во моментот додека е снимано.

Ако институциите не постапуваат при дивеењето, ќе се бараат институции за легализација и озаконување. И така наместо да царува ред, закон и правда, секој ќе вели може тој-можам и јас. Беззаконието ќе стане закон, реагираше Белчева на својот Фејсбук профил и го прозва актуелниот градоначалник на општина Центар, Саша Богдановиќ да одговори што стана со жолтите ленти и постапките за овој објект.

Градоначалникот Богдановиќ во изјава за „Фокус“ пак го повикува да постапува Јавното Обвинителство.

Општината ги запре градежните работи и донесе решение за отстранување и решение со кое го запечати објектот. После кинењето на пломбата и лентата извршено е кривично дело за кое е надлежно ОЈО. Ние како општина ги предадовме сите документи во ОЈО, изјави Богдановиќ за „Фокус“.

Тој до Обвинителството има поднесено кривична пријава уште пред една година против Стојменов и фирмата „БС Консалтинг“, но како што ни одговорија од Јавното обвинителство овој предмет е се уште во фаза на предистражна постапка.

Надлежниот јавен обвинител интензивно постапува за прибирање на вербални и материјални докази со цел да се утврди фактичката состојба. Се очекува извештајот од наредено вештачење, по што ќе биде донесена одлука за натамошното постапување, велат за „Фокус“ од Обвинителството.

„Фокус“ стапи во контакт и со инвеститорот, Стојменов кој тврди дека тој има градежна дозвола, а Богдановиќ се обидува да му ја земе.

Како може некој да гради без дозвола. Па ако градам без дозвола ќе завршам во затвор. Ние имаме одобрение за градба уште во 2016 година, кога градоначалник на општина Центар беше Андреј Жерновски, но сега се обидуваат да ни ја земат, а платени се комуналии и се. Се им е поништено од повисоки институции, од Управен суд. Сакаат да ми го земат одобрението, тоа е вистината. Јас имам дозвола и тоа може да го докажам со документи, ни изјави Стојменов.

Според тврдењата на Богдановиќ, во 2016 година Стојменов добива дозвола за градба и надградба, но бидејќи темелите не можеле да ја издржат надградбата се урива целиот објект за да може да почне одново надградбата. Но, за да може да гради нов објект од темел, од Општина Центар тврдат дека треба да добие нова дозвола за градба, која не беше издадена бидејќи општината воведе мораториум за градба. Во текот на сите овие години неколку пати беа прекинувани градежните работи, кои потоа пак продолжуваа.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости